Бизнис вести

РКЕ доби сертификатот ISO 9001:2015 за квалитет

„Сертификатот е потврда за квалитетот на работење во Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и претставува патоказ како да ги подобриме услугите со барањата на потрошувачите“, вели Марко Бислимоски, претседател на РКЕ

петок, 07 февруари 2020

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги се стекна со сертификатот за квалитет ISO 9001:2015 со што ја потврди фундаменталната определба да обезбеди услуги соодветни на барањата на потрошувачите преку висок квалитет во системско управување со институцијата.

„Сертификатот е потврда за квалитетот на работење во Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и претставува патоказ како да ги подобриме услугите со барањата на потрошувачите“, рече Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Првиот човек на сертификационото тело Интерцерт, Васко Темелкоски посочи дека самиот факт што Регулаторната комисија за енергетика демонстрира свесност за потребата од сертификација, а потоа и со успех ги исполнува пропишаните стандарди, е мотивација за останатите државни институции да го воведат ISO 9001 и со тоа да имаат потврда за стандардизиран квалитет во нивната работа.

„Организациите го користат овој стандард за го докажат квалитетот во нивното работење и да ја демонстрираат способноста постојано да овозможуваат производи и услуги кои се усогласени со барањата на клиентите. ISO 9001 е најкористениот стандард во светот, со повеќе од еден милион организации од над 190 земји кои го имаат имплементирано“, посочи Темелкоски.

ISO 9001 е меѓународен стандард кој ги пропишува барањата за системите за управување со квалитет, а сертификатот и сертификацијата овозможуваат организациите да ги организираат процесите, да ја зголемат ефикасноста на управувањето со квалитетот и постојано да се подобруваат.

 

Содржината е прочитана 127 пати.