МАКЕДОНИЈА

Потпишан Грански колективен договор, државната администрација ќе земе К-15

Колективниот договор на работниците им обезбедува и флексибилно работно време, дневници за службено патување, платено отсуство заради лични и семејни околности, плата за време на годишен одмор и за време на штрајк

четврток, 06 февруари 2020

Министерството за информатичко општество и администрација и Синдикатот на управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) денеска го потпишаа Гранскиот колективен договор со кој работниците добиваат повеќе права, меѓу кои е исплата на регрес за годишен одмор (К-15) во нето износ од 9.000 денари, флексибилно работно време, дневници за службено патување, платено отсуство заради лични и семејни околности, плата за време на годишен одмор и за време на штрајк.

Претседателот на Пецо Грујовски вели дека со овој Грански договор се опфатени 19.600 вработени во државната администрација, односно вработените во министерствата, во судовите, обвинителствата, во државното правобранителство, во казнено-поправни и воспитно-поправни установи, во центрите за социјална работа, вработените во општините, во Град Скопје, во јавните установи формирани од Владата и во други органи основани од Собранието. Но, во овој колективен договор не влегуваат вработените во јавниот сектор, односно наставниците и професорите, лекари и друг медицински персонал, полиција и одбрана, дејности каде веќе се зголемени платите, како ни јавните претпријатија формирани од општините и од Град Скопје.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски објасни дека административците ќе добијат по 9.000 денари како годишен регрес, а парите за оваа намена, односно 155.457.000 денари, се предвидени во Буџетот, додека дополнителни средства може да се обезбедат и со ребаланс на Буџетот.

Манчевски потенцираше дека К-15 нема да има за вработените во администрацијата кои беа вработени по Рамковен договор, а седеа дома. Ова право, како што рече, ќе важи само доколку прифатат прераспределување.

„Апсолутно ќе се погрижиме овој договор да не важи за таканаречените рамковно вработени, колку тоа да го вели Колективниот договор. Ќе најдеме начин заедно со Синдикатот и со надлежните институции овие луѓе да не земат К-15. Се разбира, ќе важи само за оние кои ќе прифатат прераспределување“, рече Манчевски одговарајќи на новинарско прашање по денешното потпишување на Колективниот договор за државната администрација.

 

Содржината е прочитана 76 пати.