Бизнис вести

ФИТР го продолжи рокот за аплицирање за јавниот повик за кофинансирани грантови за технолошки развој

Инструментот е наменет за финансиска поддршка за технолошки развој на претпријатија и приватни здравствени установи (ПЗУ), меѓу другото за набавка на опрема, воведување нови производствени линии, подготовка и спроведување на активности за подобрување на енергетската ефикасност...

вторник, 04 февруари 2020

Поради голем интерес и на барање на домашните компании, рокот за аплицирање по редовна постапка за јавниот повик за кофинансирани грантови за технолошки развој е продолжен до 10 февруари, 2020 година (до 23:59 часот).

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) соопштува дека вкупниот буџет за повикот изнесува шест милиони евра, од кои три милиони се наменети за аплицирање по редовна постапка. Преку овој инструмент се обезбедува финансиска поддршка до 30 отсто во максимален износ од 10 милиони денари, а останатите 70 отсто се учество на компаниите.

Инструментот е наменет за финансиска поддршка за технолошки развој на претпријатија и приватни здравствени установи (ПЗУ), меѓу другото за набавка на опрема, воведување нови производствени линии, подготовка и спроведување на активности за подобрување на енергетската ефикасност и сл.

Во периодот до истекување на рокот за аплицирање, за домашните компании ФИТР обезбедува користење бесплатна советодавна поддршка и техничка помош.

Дополнително, со цел информирање за деталите од повикот, условите и можностите за аплицирање, активни се информативни сесии во Скопје и низ градовите во државата, организирани во соработка со стопанските комори и други организации.

Повеќе информации за повикот и начинот на аплицирање на www.fitr.mk
 

Содржината е прочитана 169 пати.