Бизнис вести

Хотелот „Континентал“ ќе оди под хипотека во Комерцијална банка за кредит од 960.000 евра

Имотот кој се дава под хипотека има вкупна проценета вредност од 3.799.230 евра што е 74,7 отсто од книговодствената вредност на имотот по последната ревидирана завршна сметка

вторник, 04 февруари 2020

Хотелот „Континентал“, земјиштето под него како и целиот инвентар и опремата со кои располага одат под хипотека како гаранција за кредит од 960.000 евра кој го подига сопственикот на хотелот, компанијата „Интернешнел хотелс“ АД Скопје во Комерцијална банка, соопшти компанијата преку Македонска берза.

Одлуката за ставање под хипотека на хотелот „Континетал“ треба да ја донесе Собранието на акционери на „Интернешнел хотелс“ АД Скопје закажано за 5 март годинава.

Според соопштението, за добивање рамковен револвинг кредит-лимит во износ од 960.000 евра „Интернешнел хотелс“ АД Скопје под хипотека става недвижен имот - зградата на хотелот со вкупна површина од 17.135 квадратни метри негова сопственост и земјиште под и околу објектот со вкупна површина од 12.296 квадрати, како и подвижен имот – опрема и инвентар во хотелот „Континентал“.

Имотот кој се дава под хипотека има вкупна проценета вредност од 3.799.230 евра, што е 74,7 отсто од книговодствената вредност на имотот по последната ревидирана завршна сметка.
 

Содржината е прочитана 278 пати.