Бизнис вести

Министерството за финансии утре ќе исплати 166 милиони евра стари доспеани долгови

Годинaва треба да се отплатат стари долгови во износ од 702,7 милиони евра, од кои 437, 8 милиони евра се надворешен долг, а 264,9 милиони евра домашен долг

вторник, 28 јануари 2020

Министерството за финансии утре ќе врати 166,4 милиони евра по основ доспеани долгови и тоа 155 милиони евра за втората рата на ПБГ-заемот земен 2013 година и 700 милиони денари по основ издадени државни хартии од вредност.

Од Министерството соопштија дека годинaва треба да се отплатат стари долгови во износ од 702,7 милиони евра, од кои 437, 8 милиони евра се надворешен долг, а 264,9 милиони евра домашен долг.

„Покрај ПБГ-заемот, во декември треба да се отплати останатиот дел од еврообврзницата од 2015 година во износ од 180 милиони евра со каматна стапка од 4,9 проценти. Вкупната вредност на еврообврзницата издадена во 2015 година е 270 милиони евра, од кои во 2018 година со издавањето на еврообврзницата со најниска камата досега од 2,75 проценти, беа рефинансирани 92 милиони евра од еврообврзницата од 2015, или за првпат беше предвреме отплатена која било од еврообврзниците и воедно намален товарот за отплата во 2020 година“, се вели во соопштението на Министерството.

Се потенцира дека јавниот долг е стабилизиран. Ако во 2016 година тој изнесувал 48,8 отсто, согласно последната состојба јавниот долг изнесува 47,7 отсто и тоа со вклучен негарантиран долг, кој порано не бил вкалкулиран.

 

Содржината е прочитана 73 пати.