Бизнис вести

Пивара Скопје доби нова А-интегрирана еколошка дозвола

Со новата дозвола, која е со важност од седум години се опфатени и проценети сите измени во инфраструктурата и технолошките процеси кои компанијата ги има направено во периодот од добивањето на претходната еколошка дозвола - август 2012 година до денес

четврток, 23 јануари 2020

Пивара Скопје доби нова А-интегрирана еколошка дозвола со важност во наредните седум години. Со новата дозвола се опфатени и проценети сите измени во инфраструктурата и технолошките процеси кои компанијата ги има направено во периодот од добивањето на претходната еколошка дозвола - август 2012 година до денес.

Документот издаден од Министерството за животна средина и просторно планирање претставува потврда за дополнителните вложувања и одржувањето на највисоко ниво на контролата на можно влијание на Пивара Скопје врз животната средина.

„Грижата за животната средина е една од најзначајните стратешки определби и претставува еден од столбовите на кои се темели долгорочниот одржлив развој на Пивара Скопје. Ние сме целосно свесни за придонесот што го имаме и што можеме да го дадеме за обезбедување почиста животна средина и затоа како компанија имаме интегриран пристап и си поставуваме цели и еколошки таргети кои во одредени сегменти ги надминуваат дури и барањата од домашното законодавство во оваа област. За нивно исполнување од големо значење се посветеноста на сите вработени, нашите интензивни вложувања, како и огромната поддршка и лидерство од групациите Coca-Cola HBC и HEINEKEN каде припаѓа нашата компанија“, изјави генералниот директор на Пивара Скопје, Дан Тимотин.

Тој додаде дека новата А-интегрирана еколошка дозвола претставува потврда за сите досегашни напори и вложувања во заштита на животната средина и истовремено претставува гаранција дека компанијата во својата работа целосно и во континуитет ќе продолжи да ги применува највисоките стандарди во оваа област предвидени со нашето законодавство, почнувајќи од изборот на суровини, преку контролата на процесот на производство, дистрибуција и продажба, па сè до управувањето со амбалажата.

Поддршка кон успешното заокружување на процесот со добивање нова еколошка дозвола дадоа и амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнс, амбасадорот на Холандија, Дирк Јан Коп, како и градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски.

 

Содржината е прочитана 197 пати.