Бизнис вести

ТВ водителката Марија Георгиевска реализираше волонтерски проект „Млади претприемачи“

Преку серијал од шест работилници младите се запознаа со повеќе теми поврзани со претприемаштвото, иновациите, идеите, процесот на креирање производ или услуга, пласирање на пазарот и сл.

среда, 22 јануари 2020

ТВ водителката Марија Георгиевска реализираше проект со наслов „Млади претприемачи“ за едукација на средношколци.

Преку серијал од шест работилници младите се запознаа со повеќе теми поврзани со претприемаштвото, иновациите, идеите, процесот на креирање производ или услуга, пласирање на пазарот и сл... Целта на едукативните работилници беше да се поттикне креативноста кај младите, да се предизвикаат да размислуваат за нови идеи и да го искористат својот потенцијал за креирање на нешто што може да значи шанса за креирање на бизнис или стартап компанија во иднина.

Секоја тема беше поткрепена со практични примери, како спој на теоријата со пракса, преку приказните на успешни сопственици на бизниси: Пенка Мукаетова – „Консалтинг интер груп“, Горан Антевски - „Раде Кончар ТЕП“, Аријана Коскарова – „Креатив Хаб“, Маријана Ангелоска –„Ариљеметал“, Ванчо Зрнцев – „Биоплант“, Наталија Бургиева –„Мама Органа“, Фросина Мешкова – „Бионовел Плус“, Ана Лабор – „Спирит оф Преспа“.
Преку споделувањето на своите бизнис приказни и искуства за бизнисот, успешните менаџери помогнаа младите да добијат пореална слика за бизнисот и претприемништвото, да ги слушнат предизвиците и искуствата, на патот до креирање на еден производ или услуга, а со тоа да станат посвесни за сопствениот потенцијал.

„’Млади претприемачи’ е проект, кој е мој личен придонес за поттикнување на претприемништвото и креативниот потенцијал кај младите, со цел создавање млади претприемачи кои ќе бидат идни двигатели на економскиот раст на државата. Среќна сум што Американското катче во Скопје -Американски едукативен Центар ја прифати мојата иницијатива и што ми ја дадоа довербата да ги реализираме работилниците.Особено големо значење за мене имаше присуството на успешните менаџери и сопственици на бизниси кои ја прифатија мојата покана да земат учество и да ги споделат своите бизнис приказни со младите. Одличните реакции на младите, нивното воодушевување од она што го осознаа, заинтересираноста и желбата за нови работилници ми дадоа потврда дека нашите млади луѓе се одлични и во нив имаме огромен потенцијал кој треба да го искористиме. Ова го потврдија и преку многу иновации и бизнис идеи кои сами ги креираа во текот на работилниците.Задоволните и инспирирани млади луѓе кои излегоа од работилниците, како и отворената покана од Американското катче се доволен мотив за мене да го продолжам волонтерскиот проект во 2020 година“, вели Георгиевска.

За поттикнување на креативноста на младите, од која може да се појават и претприемачки идеи и иновации, потребно е да им се доближи практично бизнисот и работењето на компаниите, да осознаат како се создала една идеја од која понатаму се создал производ или услуга на нашите компании. Одблиску да се запознаат со луѓето кои се претприемачи и кои успеале да ги направат успешни и своите компании и имаат одлични производи. На средбите со сопствениците на нашите компании младите се интересираа за многу прашања околу бизнисот, размислуваа, дебатираа, споделуваа идеи и интерактивно го анализираа она што ги интересира или за што имаат идеи. Тие едногласно потенцираа дека им се потребни повеќе часови со пракса, каде ќе имаат шанса да го запознаат бизнисот одблиску.

„Младите се иднината на општеството, затоа треба да ги подготвиме да бидат вистински креатори на општествено-економскиот просперитет, а тоа може да се постигне ако ги мотивираме да размислуваат, креираат, иницираат, ако им дадеме доверба и шанса и ги почитуваме како млади луѓе, кои имаат многу да покажат“, вели Георгиевска, која го подготвува новиот серијал за претприемништво во март годинава.

 

 


 

Содржината е прочитана 252 пати.