Бизнис вести

Методија Мирчев, нов извршен директор на А1 Македонија

понеделник, 20 јануари 2020

Методија Мирчев е назначен за нов извршен директор на А1 Македонија и ќе го наследи Мислав Галер, кој одлучи да ја продолжи својата кариера надвор од компанијата и Кластерот Македонија и Хрватска.

Мирчев доаѓа на оваа позиција со огромно знаење и стекнато искуство во различни области во мултинационални компании. Тој ја започнува својата кариера во FMCG индустријата во Полска извршувајќи раководни позиции во неколку интернационални компании, а пред да премине во телеком индустријата, имал извршна позиција во L’Oréal Полска.

Од компанијата посочуваат дека како директор за продажба и главен комерцијален директор во „Космофон“, Мирќев покажал врвни лидерски способности за кои е потребно огромно познавање на технологијата во бизнис работењето, како во B2B така и во B2C сегментот. Во 2011 година тој ја продолжил кариерата како главен директор за продажба и маркетинг во ОНЕ – Телеком Словенија Групацијата, по што бил унапреден во извршен член на Бордот на директори на ОНЕ и ја извршувал функцијата главен оперативен директор.

Методија Мирчев дипломирал на Варшавскиот технолошки универзитет, магистрирал на Лондонската и Париската бизнис школа, како и Норвешката школа за економија.

„А1 Македонија му посакува добредојде на Методија како нов Извршен директор. Уверени сме дека со неговата биографија и широко искуство во телекомуникациската индустрија ќе ја направи компанијата уште посилен играч на телекомуникацискиот пазар во земјата“, се вели во соопштението од компанијата.

 

Содржината е прочитана 206 пати.