Култура

„Медена земја“ доби две номинации за Оскар – за најдобар документарец и за најдобар странски филм

понеделник, 13 јануари 2020

Македонија годинава, за прв пат има две номинации за најпрестижната светска филмска награда. Документарниот филм „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов и официјално е номиниран во две категории за Оскар, за најдобар документарец и за најдобар странски филм.

Конкуренти за најдобар документарец на македонскиот филм се и „Американска фабрика“, „Пештерата“, „Доба на демократија“ и „За Сама“, а додека меѓу петте номинирани за најдобар странски филм се и „Корпус кристи“ од Полска, „Клетници“ од Франција, „Болка и слава“ од Шпанија и „Паразит“ од Јужна Кореја.

Единствениот македонски филм кој досега бил номиниран за Оскар е „Пред дождот“ на Милчо Манчевски во 1995 година.

Доделувањето на Оскарите ќе се одржи по 92.пат на 10 февруари во театарот „Долби“ во Холивуд. Директниот пренос од свеченоста почнува околу 2 часот по полноќ, според средноевропско време. Церемонијата телевизиски ќе се пренесува во повеќе од 225 земји низ светот.

 

Содржината е прочитана 185 пати.