Интервјуа

Македонија нема хокеј арена, но има „златни“ хокеари

Интервју со Љупчо Тануровски, генерален секретар на Хокеарската федерација на Македонија и извршен директор на хокеј клуб „Вардар“ во кое говори за успехот на Македонската хокеарска репрезентација освојувајќи златен медал на „Девелопмент купот“ во Германија, за проблемите со кои се соочуваат вљубениците во овој спорт во земјава, немањето затворена арена и за неопходноста од донации за афирмација и развој на хокејот во Македонија

среда, 08 јануари 2020

МАРИЛИ: Повод за ова интервју е неодамна одржаниот 7. по ред Skopje Ice Festival. Каков турнир е тоа, кој го организираше, колку екипи настапија, дали само од Македонија, или има и од странство и кој беше победник?
ТАНУРОВСКИ:
Во периодот од 13 до 15 декември 2019 година се одржа седмиот по ред SKOPJE ICE FESTIVAL. Овој турнир е, пред се, аматерски – ветерански, планираното време на одржување ни е 13 ноември, во рамките на прославите на градот, но немањето затворена сала и високите надворешни температури не принудија да го организираме дури еден месец подоцна, а доколку временските услови продолжеа со високите температури беше можно дури и негово одложување. Главната цел на фестивалот е дружење и разбивање на граничните бариери. На турнирот оваа сезона настапија 4 тимови и тоа: ХК Торпедо – Букурешт, Романија, ХК ИНТЕРНАЦИОНАЛ тим составен од интернационалци кои се вработени во странските и дипломатските претставништва во нашата држава, ХК ВАРДАР – Скопје и Младинската селекција на МАКЕДОНИЈА до 23 години.
Оваа година пехарот за најдобри го освоија хокеарите на ХК ТОРПЕДО, кои оваа сезона по трет пат беа гости на фестивалот и овој пат си заминаа со трофејот, а на крајот ни најавија „Се гледаме догодина”.

МАРИЛИ: Македонската хокеарска репрезентација постигна огромен успех освојувајќи златен медал на „Девелопмент купот“ на крајот на минатата година во Германија. Кажете ни нешто подетално за какво натпреварување се работи, колку репрзентации учествуваат, дали е тоа некој вид на светско првенство?
ТАНУРОВСКИ:
РАЗВОЈНИОТ КУП е организиран за земјите кои не ги исполнуваат условите за полноправна членка на Меѓународната Федерација, односно, немање затворена арена со олимписки димензии.
На овој куп покрај селекцијата на Македонија настапија и: Андора, Ирска и Португалија. Да, тој е еден вид неофицијално Светско првенство.

МАРИЛИ: Од кога постои македонската хокеарска репрезентација, како дојде до нејзино формирање и дали постои државно првенство во хокеј на мраз во нашата држави, има ли хокеарски клубови и колку?
ТАНУРОВСКИ:
Хокеј репрезентацијата на Македонија постои од 2012 година, и со проектот тим – репрезентација ХК Металург, настапувавме неколку сезони во БАХЛ (Бугарската аматерска хокеј лига). Првата сезона бевме среќни кога ќе се вратевме поразени со едноцифрена разлика, но следната сезона веќе имавме и победи, а третата сезона го освоивме првото место во БАХЛ. За се е потребна работа и тренинзи.
Во нашата држава одржуваме државно првенство, постојните играчи се поделени во клубовите и три пати неделно одигруваме натпревари. Моментално активни клубови се ХК Металург, ХК Вардар, ХК Атлетика, ХК Скопје и ХК Работнички.

МАРИЛИ: Македонија нема хокеј арена, но има „златни“ хокеари. Па каде тренираат тие хокеари?
ТАНУРОВСКИ:
Основен проблем е кратката сезона, која ни трае едвај 60 до 70 дена, со што сме далеку од оние кои имаат мраз 365 дена во годината, или барем 200 дена. Се бориме да ни биде затворена арената А1 при СЦ „Борис Трајковски“, ни беше ветено дека наредната сезона 2020–2021 ќе ја започнеме во затворена арена.

МАРИЛИ: Има ли иднина хокејот во Македонија? Каков е интересот за овој спорт во државата, дали само арена е тоа што недостасува и што е се потребно за хокејот да биде ако не главен, тогаш барем атрактивен спорт како за тренирање, така и за гледање?
ТАНУРОВСКИ
: Хокејот е атрактивен и брз спорт, за разлика од спортовите во сала, овде немаме прашина и бактерии, бидејќи истите не се задржуваат на мразот. Но, на А1 арената се соочуваме и со голем проблем, немањето трибински простор ги одвраќа вљубениците во овој спорт да доаѓаат на нашите натпревари, бидејќи немаат простор каде можат да седнат и да ги следат натпреварите. Голем проблем ни претставува и законската регулатива за обезбедување опрема. При добивање на донација сме задолжени да платиме ДДВ, а онака со скромен, речиси никаков буџет страв ни е да побараме донации, бидејќи не ќе можеме да ги подмириме трошоците. За оваа цел потребно е измена на регулативите за ДДВ, со што би ни било овозможено полесно доаѓање до опрема и полесен развој на спортот. Хокејот не е спорт како другите за кои е потребно само шорцеви и маица, овде еден сет на опрема чини околу 500 евра.
Главна цел на ХК ВАРДАР ни е работата со младите категории од 8 години па нагоре. Со формирање база на млади играчи ќе можеме да очекуваме повеќе, но тоа е долгорочен пат.

МАРИЛИ: Иако хокејот не е доволно развиен во Македонија, освоеното злато веројатно ќе биде голем поттик за голем број вљубеници на мразот. Што би им препорачале на потенцијалните идни хокеари?
ТАНУРОВСКИ:
Хокејот во Македонија своите почетоци ги има уште во далечната 1959 година, кога е формиран првиот хокеј клуб. На почетокот хокеарите тренирале на езерцето кај Градскиот стадион, додека првиот официјален натпревар е одигран во 1961 година на просторот позади денешното училиште „Димитар Миладинов” (поранешно „Браќа Рибар“). Градот Скопје беше домаќин на Светското првенство во Ц групата во 1969 година на кое настапија: Јапонија, Швајцарија, Унгарија, Холандија, Данска и Бугарија. За таа цел беше изградено и лизгалиштето „КАЛЕ“. Кон крајот на 70-ите хокејот имаше голема експанзија, двата клуба ХК Вардар и ХК Скопје има преку 300 членови во сите категории. За жал, во средината на 80-ите, по давањето на спортскиот центар под концесија, хокејот згаснува. Хокејот повторно се активира по 2011 година со изградбата на новото лизгалиште на СЦ „Борис Трајковски“, меѓутоа, паузата од преку 20 години си го направи своето - изгубени се многу генерации поради прекин на континуитетот. Сега почнуваме од нула, потребни се најмалку 5 години активна работа додека се создадат повеќето категории на играчи.
За поголем развој на хокејот потребно е соработка со основните училишта и преку акција СИТЕ НА МРАЗ да ги научиме децата да лизгааат и да ги научат првите чекори од хокејот. 
Оваа сезона се поставуваат 7 лизгалишта низ нашата држава, што е одлично за проширување на заинтересираноста во другите градови за хокеј и лизгање. Би било добро кога би имале клубови и во другите градови и да организираме многу повеќе натпревари и игри на мраз за популаризација. Најголема придобивка е добивањето здрава младина, бидејќи, со 1 долар вложен во спротот се заштедуваат 7 долари во здравството. Затоа несебично апелираме помогнете да ги вратиме децата на терените, а не да бидат заробени со телефоните, смарт уредите и компјутерите.

МАРИЛИ: Вие сте генерален секретар на Хокеј Федерацијата на Македонија и извршен директор во хокеј клуб Вардар. А, истовремено сте и хокеарски судија. Од каде љубовта кон хокејот? Кога се активиравте повторно во овој Вам драг спорт, кој сте го тренирале во 80-ите години и каков е патот за да се стане судија?
ТАНУРОВСКИ:
Моите први чекори на мразот ги направив во средината на 70-ите години на „Кале“ во ХК Вардар. Тогаш имаше акција за запишување нови членови и ние, една поголема група од основното училиште отидовме и ги направивме првите чекори. Оној кој еднаш застанал на мраз и го почувствувал хокејот, никогаш нема да се откаже од него. И ден денес еден дел од групата кога бевме јуниори, се собираме, но сега како ветерани на вечерните тренинзи. Тука може да се поздрави и нашиот најстар член, кој е еден од основачите на хокејот, од првата генерација во 1959 година, Павле Головски, кој со неговите преку 70 години се уште знае да дојде да лизга и да ги подучува помладите.

По реактивирањето во 2012 година, согледувајќи ги потребите се одлучив да бидам и судија, за да не ангажираме млади играчи да судат, бидејќи тие сакаат повеќе да играат. За таа цел бев на семинар за судии и со уште еден колега, Сашо Стојмировски ги судевме натпреварите кај нас, а сега ни се приклучи и Драган Тануровски кој има 19 години и може да напредува во кариерата, бидејќи судија на мраз за светски првенства е 35 години, а јас и Сашо сме 56 и 55 години, далеку над просекот, но ентузијазмот е голем.

МАРИЛИ: Кои се плановите за следната сезона?
ТАНУРОВСК
И: Најважен план ни е следната сезона да ја дочекаме во затворена арена. Со добивање продолжена сезона ќе имаме и можност за зголемување на посетеноста на тренинзите. А, главно ни е обезбедување средства за донираната опрема, која веќе трета година ни стои на царина и да можеме истата да ја поделиме на новите вљубеници во овој зимски спорт. За таа цел отворивме и донаторски линк:
https://gogetfunding.com/help-me-recover-ice-hockey-equipment-for-kids-in-macedonia/?fbclid=IwAR0TZwOiBIHiKekuDJugz8OQWVQDXv28LWkdC2n1xH7TaAK1o_oOeg-NYiM
Секоја донација ќе ни биде добредојдена, со што ќе овозможиме поголем број деца да тренираат хокеј безбедно со комплетна опрема.

Фото: Слободан Ѓуриќ, Александар Кондев и ИИХФ
 

Содржината е прочитана 573 пати.