Бизнис вести

Регистрација и дерегистрација на ДДВ обврзник до 15 јануари

Министерството за финансии изготви прирачник во кој граѓаните и фирмите ќе можат да се информирмираат повеќе за новиот праг и за тоа кој се има или нема обврска како ДДВ обврзник

петок, 03 јануари 2020

Заклучно со 15 јануари сите правни или физички лица кои во 2019 година имале промет под 2 милиони денари, а се регистрирани како ДДВ обврзници, имаат можност да се дерегистрираат од Регистарот на ДДВ обврзници, додека оние кои имале промет над 2 милиони денари, а не се регистрирани, треба да се регистрираат како ДДВ обврзници.

Пријавите за регистрација може да се достават по пошта, лично до Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи, согласно седиштето или живеалиштето на даночниот обврзник, или по електронски пат на адресата http://etax.ujp.gov.mk .

Даночните обврзници кои во 2019 година имале промет под прагот од 2 милиони денари, доколку сакаат, пријавата за дерегистрација за ДДВ обврзник можат да ја поднесат до даночната канцеларија на УЈП, или во електронска форма на линкот http://etax.ujp.gov.mk .

Министерството за финансии изготви прирачник во кој граѓаните и фирмите ќе можат да се информирмираат повеќе за новиот праг и за тоа кој се има или нема обврска како ДДВ обврзник. Прирачникот може да се најде на веб-страницата на Министерството за финансии: https://www.finance.gov.mk/files/final%20v3_0.pdf .

Прагот за ДДВ обврзник беше зголемен од 1 на 2 милиони денари кон крајот на минатата година со цел да се намали административниот товар и да им се излезе во пресрет на барањата на граѓаните и малите фирми. Новиот праг стапи на сила од 1 јануари 2020 година.

Исто така, со новите законски измени променет е и периодот во кој обврзникот е должен да остане во системот на ДДВ и истиот е скратен на три години, додека претходно беше пет години.

 

Содржината е прочитана 282 пати.