Бизнис вести

Народна банка ќе објавува и податоци за трансакции во странство

Ќе бидат објавувани и податоци за висината на надоместоците на продажно место кои банките и други даватели на платежни услуги ги наплатуваат од трговците

четврток, 26 декември 2019

Народна банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) започнува со објавување нови статистички податоци од доменот на картичното работење кои се поврзани со трансакциите во странство со платежните картички издадени од домашни издавачи и со трансакциите во земјата со платежните картички издадени од странски издавачи и со објавување на надоместоците коишто банките и другите даватели на платежни услуги ги наплатуваат од трговците за плаќањата со платежните картички.

Податоците поврзани со трансакциите со картички од домашни издавачи во странство и од странски издавачи во земјата досега се прикажуваа само на агрегатно ниво, во рамки на извештаите за платежни трансакции со платежни картички според типот на уредот.

„Во новите прегледи овие податоци ќе бидат подетално прикажани од аспект на земјата во која е лоциран уредот преку кој е извршено плаќањето, како и од аспект на земјата во која е издадена платежната картичка. Притоа, за секоја од поединечните земји ќе бидат објавени податоци за бројот и вредноста на плаќањата, во зависност од тоа дали се извршени на банкомати, уреди на физички места на продажба (пос-терминали) или на виртуелни места на продажба“, појаснуваат од Народна банка.

НБРСМ ќе објавува и податоци за висината на надоместоците на продажно место кои банките и други даватели на платежни услуги ги наплатуваат од трговците. Во статистичките прегледи, податоците за надоместоците ќе бидат подетално прикажани во зависност од дејноста на трговецот и според висината на годишниот промет остварен со платежни картички.

Новите податоци ќе бидат достапни на веб-страницата на Народната банка, во делот „Платежна статистика“. Податоците по земји за трансакциите со платежни картички ќе бидат објавени за периодот од 2016 до 2018 година, додека, пак, за надоместоците на продажно место за 2018 година.

Понатаму, податоците ќе се објавуваат на редовна годишна основа, согласно со календарот на објавување податоци од доменот на платежната статистика.

 

Содржината е прочитана 181 пати.