Бизнис вести

Објавен тендер за набавка на нова механизација за РЕК Битола

Со јавната набавка вредна 19 милиони евра се планира да се купат 47 парчиња од механизацијата за ископ на јаглен

вторник, 24 декември 2019

АД Електрани на Северна Макеоднија (ЕСМ) денеска објави јавен повик за набавка на помошна механизација за РЕК Битола во вредност од 19 милиони евра со која се планира да се купат 47 парчиња од механизацијата за ископ на јаглен.

Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски на прес конференција рече дека компанијата ја почнала постапката за набавка на помошна механизација и најави дека идната година ќе објави оглас и за набавка на таканаречена циклична механизација за потребите на рудникот Брод Гнеотино во вредност од 26 милиони евра, што значи дека набавката на целата нова механизација би требало да ја чини ЕСМ 45 милиони евра. 

„Објавената јавна постапка е само прва фаза од процесот на осамостојување на РЕК Битола за целосно самостоен ископ на јаглен, а ќе следуваат уште две фази со кои целосно ќе се обезбеди потребната механизација за ископ на јаглен од сопствени средства“, рече Ковачевски.

Тој појасни дека во третата фаза ќе се купуваат машини од двата вида, помошна или циклична, во зависност од тоа што во меѓувреме ќе покаже производствениот процес дека има потреба. На тој начин целосно ќе се ослободи потребата од надворешна механизација и РЕК Битола целосно сама ќе го спроведува ископот на јаглен.

„Во последните 10 години за ангажирање помошна механизација од надворешни фирми РЕК Битола има платено повеќе од 90 милиони евра. За оваа набавка рамковно имаме предвидено 19 милиони евра, при што и со сите пресметки на трошоци, вклучително и за ангажирање на механизацијата, сервисирање, човечките ресурси и се што е потребно, сепак, е поисплатливо отколку да се изнајмува опрема“, појасни Ковачевски.

Премиерот Зоран Заев рече дека со објавената јавна набавка ќе се обезбеди квалитетна механизација заради промените во Законот за јавни набавки кои дозволуваат при набавката, цената на чинење да учествува со 60 отсто, а квалитетот со 40 отсто. Тоа, според него, ќе придонесе на јавниот повик да се јават светски познати компании и да се набави опрема со добар квалитет, наместо опрема со сомнителен квалитет, но со пониска цена заради зголемениот интерес за учество на повикот.

„Јавната набавка ќе обезбеди долготрајна заштеда. Таа е инвестиција за иднината и вложување во иднината и ќе значи заштеди за РЕК Битола“, истакна Заев.


 

Содржината е прочитана 71 пати.