Бизнис вести

Даниела Арсовска во бордот на Глобалниот комитет на жени лидери

Глобалниот комитет на жени лидери, со кој ќе претседаа Сват Мандела, внуката на Нелсон Мандела, е посветен на искористување на уникатниот пристап на влијателни жени лидери во светот, креатори на политики, претприемачи и уметници

понеделник, 23 декември 2019

WBAF ги објави членовите на бордот на Глобалниот комитет на жени лидери. Свати Мандела, внуката на Нелсон Мандела, име кое претставува одраз на лидерството во 21 век, ќе претседава со Глобалниот одбор составен од уште 11 светски познати членови, како што се д-р Аменах Гуриб-Факим, 6-иот претседател на Република Маурициус и Мари-Кристин Огли, претседателот на Светската асоцијација на жени претприемачи.

Меѓу нив е и една Македонка, Даниела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија. Таа пред една година стапи на највисоката позиција во раководството на World Chambers Federation, која раководи со стопанските комори од целиот свет, информација која одекна глобално со оглед на фактот што само 4 жени во светот се носители на таа функцијата.

„Да се види име на Македонка во бордот на Глобалниот комитет на жени лидери е гордост и чест за мене лично, но и професионално. Со Сојузот направивме многу за интернационално да постигнеме успеси во економската соработка и меѓу првите дигитализиравме дел од алатките за меѓународна трговија. Со успех во работата го истакнавме фактот дека и покрај тоа што сме само неколку жени во светот претседатели на национални комори, можеме да промениме многу и да придонесеме за општо добро“, рече Арсовска.

Свати Мандела на назначувањето рече дека жените долги години имаат успех во своите кариери заради нивната способност да се прилагодат на деловната култура и процесите во кои доминираат мажите.

„Жените работат според постојните правила на работното место и имаат дополнителна пречка од перцепциите на општеството за тоа како треба да се однесуваат. Можеби образованието и практиките намалија некои од невидливите навики дека не може жена да биде во лидерска улога, но сепак, се уште постојат предизвици. Жените лидери на денешницата имаат одговорност да прифатат статус на пример во општеството и да ги адресираат овие предизвици, пред сè, со здружена акција”, истакна Мандела.

Глобалниот комитет на жени лидери е посветен на искористување на уникатниот пристап на влијателни жени лидери во светот, креатори на политики, претприемачи и уметници, обединувајќи ги да ги искористат своите колективни знаења, да се посветат на критични теми и да генерираат иновативни решенија за зајакнување на светската економија. Неговата цел е да ги идентификува клучните чекори на жените кои се силни лидери во бизнисот, уметноста, политиката. Прита ќе се дефинираат акциските планови кои ќе помогнат да се надминат предизвиците на индустриите во кои доминира мажот.
 

Содржината е прочитана 288 пати.