Култура

„Танец“ со новогодишен концерт ја заокружува јубилејната година

„Танец“ објави и најново ДВД-издание од јубилејниот концерт што го одржа во јуни годинава во Националната опера и балет, а за 70-годишнината е објавена и двојазична монографија „Остани во чекор“

петок, 20 декември 2019

Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“ вечер од 20 часот во Македонскиот народен театар ќе одржи новогодишен концерт со кој ќе ја заокружи јубилејната 70-та година од своето постоење. Госи на концертот ќе бидат играорците од Националниот ансамбл за народни игри и песни „Коло“ од Србија.

По серијата коцертни чествувања во градовите низ земјава и бројните меѓународни претставувања во Франција, Шведска и Австралија, „Танец“ вечерва заедно со гостите од Србија ќе ја исполни сцената на МНТ на која над 120 учесници ќе ги изведат бесценетите антологиски кореографии на „Тешкото“, Невестинското“, „Драчевка“, уникатното „Старобосанско немо коло“, српските игри од Стара Планина, од Западна Србија и Босилеградскиот крај, како и со повеќе оркестарски ора и песни, меѓу кои и познатото „Касапско оро“, популарните „Не стој Доне, Донке“, „Ој, Мораво“ и многу други.

На вечерашниот концерт премиерно ќе биде изведена новата кореографија „Радовишки собор“ на Јовица Блажевски, претставник на последната генереција кореографи на „Танец“ кој зад себе како автор ги има и веќе добро познатите постановки „Посеље“, „Кумановка“, „Малешевка“ и „Пијанец“. Музичката обработка е на познатиот македонски хармоникаш, композитор и аранжер Дарко Илиевски, долгогодишен член на оркестарот на „Танец“.

„Танец“ објави и најново ДВД-издание од јубилејниот концерт што го одржа во јуни годинава во Националната опера и балет, а за 70-годишнината е објавена и двојазична монографија која ќе биде претставена пред вечерашниот концерт, од 19 часот во фоајето на МНТ. Монографијата насловена како „Остани во чекор“ е посветена на 10 антологиски кореографии од репертоарот на „Танец“. Автор е етномузикологот Кирил Тодевски, преводот на англиски го напрви Марија Џонс, а издавач е „Арс Ламина“.

 

Содржината е прочитана 317 пати.