Бизнис вести

Чешката компанија „Локо Транс“ во земјава ќе произведува локомотиви и вагони

Компанијата „Локо Транс“ има фабрики во Чешка, Словачка, Италија, Бугарија Србија и Аргентина

четврток, 19 декември 2019

Чешката компанија „Локо Транс“ во Македонија ќе отвори фабрика за шински возила. Инвестицијата ќе изнесува 15 до 20 милиони евра и се планира во новата фабрика да бидат вработени од 250 до 300 лица. Во фабриката ќе бидат преземени и дел од вработените од велешка „Колска“. Се очекува изградбата на фабриката да заврши од 12 до 15 месеци.

Договорот за државна помош за изградба на фабриката, денеска го потпишаа министерката за странски инвестиции, Зорица Апостолска и сопственикот на чешката компанија, Карел Јалови.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев на потпишувањето на договорот за државна помош рече дека чешката компанија ќе придонесе за зголемување на индустријата и на економијата во државата.

„Компанијата која се занимава со производство на шински возила во својата производствена програма има производство на железнички вагони и локомотиви. Компанијата, освен во Чешка има отворено фабрики во Словачка, Шпанија, Бугарија, Италија, Србија и Аргентина. За фабриката која ќе биде изградена во нашата земја инвестицијата изнесува од 15 до 20 милиони евра и ќе произведува транспортни шински возила“, рече Анѓушев.

Сопственикот на „Локо Транс“, Јалови рече дека компанијата не е само производител на локомотиви и вагони, туку се занимава и со превоз. Појасни дека се одлучиле да инвестираат во Македонија најмногу поради местоположбата на земјата, како и Коридорите 8 и 10, но и поврзаноста со соседните земји.

„Железницата е гранка која ги спојува сите земји. Многу сме горди што со потпишување на овој договор се споивме и со Република Северна Македонија. Ние нема да застанеме тука, туку планираме да го прошириме нашето производство. Освен производство на шински возила ние ќе сервисираме и локомотиви“, изјави Јалови.

 

Содржината е прочитана 91 пати.