Бизнис вести

Четворица менаџери ја добија наградата „Претприемач на годината 2019“

Во категоријата мали претпријатија наградени се Даниела Николовска, менаџер на „Греемак груп“ од Скопје и Горан Цуцулески, менаџер на компанијата „Кривогаштани промет“, додека Риза Реџепи, менаџер на „Текника Риза Реџепи“ од Кичево и Георги Дамчески, менаџер на „Ипринт 2015“ од Прилеп добија награди во категоријата микро претпријатија

среда, 18 декември 2019

Даниела Николовска, менаџер на компанијата „Греемак груп“ од Скопје, Горан Цуцулески, менаџер на компанијата „Кривогаштани промет“, Риза Реџепи, менаџер на компанијата „Текника Риза Реџепи“ од Кичево и Георги Дамчески, менаџер на компанијата „Ипринт 2015“ од Прилеп се прогласени за најуспешни претприемачи за оваа година.

На четворицата најуспешни претприемачи на мали и микро претпријатија вчера им беше врачена наградата „Претприемач на годината 2019“ што се доделува во организација Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ).

Даниела Николовска, менаџер на „Греемак груп“ од Скопје ја доби првата награда во категоријата мали претпријатија, а втората му припадна на Горан Цуцулески, менаџер на „Кривогаштани промет“. Риза Реџепи, пак, менаџер на компанијата „Текника Риза Реџепи“ од Кичево е првонаграден во категоријата микро претпријатија, додека втората награда во оваа категорија му припадна на Георги Дамчески, менаџер на прилепски „Ипринт 2015“.

„Креативноста е клучен фактор во поттикнувањето на економскиот развој и дел од стратегиите за развој. Ние, како организитори, во годинашните добитници препознавме креативност. Им честитам и посакувам креативните индустрии да имаат нагорен тренд на развој што ќе го обезбеди нагорниот тренд и на целата економија“, рече Татјана Лазаревска, извршен директор на Македонската развојна фонадација за претпријатија (МРФП).

Како што истакна претседателката на ССКМ, Даниела Арсовска загрижува трендот на опаѓање на мали и микро претпријатија кои ги исполнуваат условите за оваа награда, за која селекцијата за изборот се прави врз основа на податоците од Централниот регистар.

Наградите „Претприемач на годината“ беа доделени по 13. пат, а наградените добија статуетки, плакети и пакети услуги од организаторите.
 

Содржината е прочитана 280 пати.