Бизнис вести

Охридскиот аеродром достигна 300.000 патници

ТАВ Македонија најавува проширување на аеродромот во Охрид во 2020 година што ќе резултира со удвојување на капацитетот на терминалната зграда. Ќе може да опслужува до 600.000 патници годишно

вторник, 17 декември 2019

Аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид, управуван од ТАВ Македонија, за прв пат достигна 300.000 патници, што е значаен пораст на патничкиот сообраќај од 815 проценти, или осумкратно зголемување за период од 10 години.

„Во 2009 година, пред ТАВ да ја преземе работата, охридскиот аеродром имаше 36.652 патници. Во текот на изминатиов викенд ја надминавме бројката од 300.000 патници, што претставува пораст од извонредни 815 проценти, или, во 10 години успеавме да постигнеме 8 пати поголем патнички сообраќај. Ова е резултат на експанзијата на мрежата на авиолинии на аеродромот ’Св. Апостол Павле’ Охрид, за што како аеродромски оператор постојано работиме. По интензивниот пораст на патничкиот сообраќај, во 2020 година ТАВ Македонија ќе изведе градежни работи за проширување на терминалната зграда на охридскиот аеродром.Тоа ќе резултира со удвојување на капацитетот на аеродромот, каде потоа ќе може да се опслужуваат до 600.000 патници годишно, со 5.000 до 6.000 летови“, изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Охридскиот аеродром моментално има 22 дестинации, од кои 8 се редовни авиолинии, сите опслужувани од 13 авиокомпании.

„Од аеродром што имаше само неколку дестинации за време на летната сезона во 2009 година, денес охридскиот аеродром опслужува вкупно 22 дестинации. Осум се редовни, односно функционираат во текот на целата година доследниве дестинации:Цирих, Базел, Лондон, Меминген, Милано, Виена, Дортмунд, Малме, додека 14 се сезонски летови до следниве дестинации:Адана, Амстердам, Бергамо, Брисел, Дизелдорф, Ајндховен, Фридрихшафен, Истанбул, Катовице, Мастрихт, Штутгарт, Талин, Тел Авив, Варшава, односно, ова се летови што ги имаво периодот од април до октомври. Работиме на тоа да го трансформираме охридскиот аеродром во регионален центар, кој што ќе ги опслужува не само македонските патници, туку и сите патници од соседните држави.Овие напори се прават заедно со Владата, Министерството за транспорт и врски, авиокомпаниите, општините, како и со надлежните органи од туристичкиот сектор“, објаснува Ерсој.

Бројот на патници на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид во првите 11 месеци од 2019 година се зголеми за значајни 70 проценти, односно бројот на патници е 296.870, кои беа превезени со 2.469 летови (66,7% годишен раст). Само во ноември, охридскиот аеродром имаше завиден пораст од 240 отсто во однос на патничкиот сообраќај, што претставува извонреден резултат постигнат надвор од летната сезона.

Со 53,8 отсто пораст во патничкиот сообраќај во третиот квартал од 2019 година, аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид беше рангиран на листата на најбрзорастечки аеродроми во својата големина, во групата на аеродроми што не се во ЕУ, од странана Airports Council International Europe.

 

Содржината е прочитана 239 пати.