Култура

„Медена земја“ во потесен избор за номинации во две категории за Оскар

Македонскиот претставник е меѓу 15 филмови во категоријата најдобар документарец и меѓу 10 во категоријата најдобар странски филм

вторник, 17 декември 2019

Mакедонскиот документарец „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов влезе во потесниот избор за номинација за Оскар во две категории – за најдобар документарец и за најдобар странски филм. На 13 јануари ќе се изберат по пет кои ќе добијат номинација за Оскар.

Во категоријата најдобар документарец се избрани 15 филмови од 159 пријавени. „Медена земја“ е во конкуренција со „Адвокатка“, „Американска фабрика“, „Аполо“, „Аполо 11“, „Акварела“, „Најголемата мала фарма“, „Пештерата“, „Работ на демократијата“, „За Сама“, „Големото хакирање“, „Урни ја куќата“, „Девојка’, „Полноќно семејство“, „Нација со по едно дете“.

Во категоријата најдобар странски филм од 91 пријавени македонскиот документарец се најде во потесниот избор од 10 филмови и тоа меѓу „Обоена птица“ од Чешка, „Вистона и правда“ од Естонија, „Клетници“ од Франција, „Оние што останаа“ од Унгарија, „Корпус кристи“ од Полска, „Сучка“ од Русија, „Атлантикс“ од Сенегал, „Паразит“ од Јуна Кореја и „Болка и слава“ од Шпанија.

Од објавениот потесен избор филмови во вкупно 9 категории Американската филмска академија на 13 јануари ќе избере по пет кои ќе добијат номинација, а оскарите ќе се доделат на 9 февруари во Долби театарот во Лос Анџелес.
 

Содржината е прочитана 282 пати.