Култура

Објавен речник на туѓи зборови во македонскиот јазик

Лексикографското издание, чии автори се Толе Белчев, Снежана Веновска-Антевска и Елена Јованова-Грујовска ги содржи најчесто употребуваните зборови од другите јазици (англиски, германски, француски, латински јазик), а не и од јазиците на соседите (српски, бугарски, албански, турски, грчки)

понеделник, 16 декември 2019

Излезе од печат лексикографското издание „Мал речник на туѓите зборови во македонскиот јазик“ од Толе Белчев, Снежана Веновска-Антевска и Елена Јованова-Грујовска. Речникот е во издание на „Бата прес“, а објавувањето е помогнато од Министерството за култура.

Речникот е „мал“ само по тоа што ги содржи најчесто употребуваните зборови од другите јазици (англиски, германски, француски, латински јазик), а не и од јазиците на соседите (српски, бугарски, албански, турски, грчки). Авторите – угледни лингвисти и универзитетски професори најавуваат дополнети и нови изданија од овој вид. „Малиот“ речник е толковен и има 550 страници, голем формат.

„’Малиот речник на туѓите зборови во македонскиот јазик’ е текст наменет за сите возрасти, особено за помладите кои се среќаваат секојдневно со непознати зборови, или со зборови што ги прочитале или ги слушнале некаде и не им го знаеле точното значење. Потоа во различни пригоди и од различни причини сосема несоодветно ги употребуваат тие зборови. Оваа книшка е потсетник за таквите зборови со цел да се употребат онаму каде што е потребно и соодветно. Овде е направен избор од непознати туѓи зборови што се употребуваат често“, пишуваат авторите во воведот на делото, нагласувајќи дека дел од зборовите „потекнуваат од други јазици, а дел од нив можат да се јават како нови од соодветниот јазик. Оние што потекнуваат од други јазици се поставени како туѓи, странски зборови, а ако ги има во повеќе јазици тие се јавуваат како интернационализми.“

Рецензенти на речникот се проф. д-р Максим Каранфиловски и проф. д-р Маќеј Кавка.

 

Содржината е прочитана 298 пати.