Бизнис вести

„Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава на ББ+

Потврдениот креидтен рејтинг, според кредитната агенција е резултат на низата кохерентни макроекономски и финансиски политики и подобрите индикатори за управување, развој на човечки ресурси и околина за водење бизнис

понеделник, 16 декември 2019

Кредитната агенција „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија на ББ+ со стабилен изглед, соопшти Министерството за финансии. Тоа е резултат на низата кохерентни макроекономски и финансиски политики и подобрите индикатори за управување, развој на човечки ресурси и околина за водење бизнис во однос на ББ просекот.

„Фич“ наведува дека проекцијата за раст на македонската економија за годинава е 3,4 проценти од БДП, што претставува забрзување во однос на лани и се очекува растот да биде придвижен од домашната побарувачка. Инвестициите во првото полугодие од годинава пораснале за 10,4 отсто, што се должи на зајакнатата доверба на инвеститорите и на растот на кредитирањето.

Агенцијата констатира раст на вработеноста за 2,2 отсто и намалување на стапката на невработеност за 0,7 процентни поени на 17,1 проценти заклучно со септември со очекување растот на инвестициите и на вработеноста да бидат поттикнувачи на економскиот раст и догодина.

Според „Фич“ државниот долг е проектиран умерено да се зголеми од 40,7 отсто од БДП на крајот на 2019 на 41,2 отсто на крајот на 2021година. Владините гаранции за јавни проекти, главно поврзани за проекти за патишта се очекува да се зголемат од 8,1 отсто во третиот квартал од 2019 на 10 проценти во 2020 година.

„Банкарскиот сектор е стабилен и добро-капитализиран. Депозитите растат за 10 проценти, додека уделот на денарски депозити во вкупните е зголемен и изнесува 61,3 отсто во вкупните депозити. Кредитната активност е повисока за 7,4 отсто и се очекува да порасне за 8,5 проценти догодина како резултат на зголемената побарувачка“, оценува „Фич“.

Инаку, во јуни годинава, агенцијата „Фич“ го зголеми кредитниот рејтинг на Северна Македонија од ББ на ББ+, што беше прво подобрување на кредитниот рејтинг на нашата земја после 13 години.
 

Содржината е прочитана 284 пати.