Интервјуа

Наградата „Свети Климент Охридски“ е чест и обврска да продолжам на патот што го одам

Интервју со Весна Ѓиновска - Илкова, првенец солист во Националната опера и балет, добитник на годинашната државна награда „Свети Климент Охридски“ во кое говори за честа да се биде добитник на највисокото државно признание, за градењето успешна меѓународна кариера, за идните планови, но и за тоа што треба да се направи за да се подобрат условите во културата кај нас

вторник, 10 декември 2019

МАРИЛИ: Повод за ова интервју е државната награда „Св.Климент Охридски“, највисокото признание кое годинава го добивте за Вашите долгогодишни остварувања во областа на културата. Кажете ни што значи оваа награда за Вас којашто Ви се доделува по толку години успешна кариера и дома и надвор од границите на државата?
ЃИНОВСКА - ИЛКОВА:
Секако дека претставува огромна чест и задоволство. Исто така и обврска за продолжување на патот кој го одам.Тоа подразбира успешни претстави, премиери, концерти. За мене како оперски пејач мисијата која ја имам замислено се уште не е до крај завршена. Велам само добро здравје и пеачка кондиција да постои, тоа е најбитно.

МАРИЛИ: Освен наградата, што друго ја одбележа годинава што изминува? Кои беа Вашите најзначајни улоги што ги реализиравте во текот на 2019?
ЃИНОВСКА - ИЛКОВА:
Активна сум секогаш. Дали постојат посебни претстави кои би ги издвоила? Не. Неколку целовечерни концерти во Италија, претстави во мојата матична куќа, настап на Охридско лето, одржани мастеркласови во Србија и секако, работата со студентите.

МАРИЛИ: Кои се Вашите планови за во иднина?

ЃИНОВСКА - ИЛКОВА: Плановите се секогаш присутни, што ме радува и се надевам дека нивната реализација ќе биде успешна. Наредната година се работи на еден мој голем концерт, еве во најава.

МАРИЛИ: За да се изгради еден врвен уметник како Вас со меѓународна кариера, колку треба да се вложува лично, а колку е потребно да инвестира самата институција што ја претставува уметникот, па дури и државата? Бидејќи, културата е национална, пред се!
ЃИНОВСКА - ИЛКОВА:
Влоговите се доста големи. За да се изгради успешна кариера мора да има одрекувања од многу лични желби, патувања, одмори. Сето тоа мене ми е проткаено низ работата. А, секако, имам и голема поддршка од семејството, од најблиските. Но, сепак, за се балансот е најбитен.

МАРИЛИ: Културата и спортот се најголемите промотори на една држава, а културните работници, како и спортистите се најдобрите амбасадори на секоја земја. Нашата Македонија изобилува со културни вредности во кои, секако се вбројуваат и личностите како што сте Вие. Што, според Вас, треба да се направи за да се подобрат условите во културата кај нас, особено за врвните уметници?
ЃИНОВСКА - ИЛКОВА:
Културата е еден од столбовите во државата. И затоа е потребно да се вложува во уметноста, во квалитетни кадри, потребна е работа со нив. Потребно е многу да се вложува во живата уметност. Тежок е тој пат, но трае многу подолго и има перспектива. Не се потребни толку многу пренагласени градби, споменици... Ќе немаме квалитет, подмладок. Ќе се доведеме во ситуација да произведуваме инстант кадри за опстанок на културата.

МАРИЛИ: Колку е важен балансот меѓу домашните, приватните и професионалните обврски за да се истрасира патот на меѓународниот успех на еден уметник? Какво е Вашето искуство?
ЃИНОВСКА - ИЛКОВА:
Нема совршенство. Никаде, бидете сигурни. И нема формула. Се е сплет на околности, среќа и разбирање. Компромис кој подразбира доследност. Останатото е организација. За среќа, јас тоа го имам, па се снаогам еве до сега. Семејството ми е на прво место, секогаш.

МАРИЛИ: Од каде ја црпите енергијата за континуирана работа и надградба во Вашиот професионален живот?
ЃИНОВСКА - ИЛКОВА:
Од личностите кои оставиле белег во светската класика. Непресушен извор на инспирација. Од музиката.
 

Содржината е прочитана 815 пати.