Бизнис вести

Заев: Растот на БДП под очекувањата, но може да се оствари планираната годишна стапка од 3,8 отсто

Премиерот смета дека проектираниот економски раст може да се оствари до крајот на годинава, доколку во четвриот квартал има раст над 4 отсто

петок, 06 декември 2019

За девет месеци е остварен економски раст од 3,6 проценти, објави Државниот завод за статистика. Тоа е под очекувањата на Владата која проектираше раст од 4 отсто во претпоследниот квартал од годинава.

„Раст на БДП од 3,6 отсто е малку под моите очекувања, но сметам дека до крајот на годинава може да се оствари планираната годишна стапка од 3,8 проценти, доколку во четвриот квартал има раст над 4 отсто“, рече денеска премиерот Зоран Заев.

Тој, како што појасни, очекувал растот во третото тромесечие да биде 4 проценти, водејќи се од растот на индустриското производство кое беше 9,8 отсто, па 5,6 и 4,4 проценти, но веројатно одредени перформанси не ги дале очекуваните резултати. Сепак, вели дека можеме да бидеме задоволни имајќи предвид дека европските земји имаат раст од 0,5 отсто, или 0,7 отсто.

„Верувам дека нашиот низок економски стандард, компатабилноста на ресурсите што ги имаме, природните ресурси, географската локација, инженерските капацитети кои стојат на располагање треба да ги доискористиме до максимум за да имаме и уште повеќе инвестиции во државата, но и се поголем капитален развој заради тоа што БДП на крајот има своја рефлексија во буџетот за да може државата да инвестира и во човечкиот фактор, да го помагаме и стопанството, да инвестираме во еколошки проекти“, рече Заев.

Според Заводот за статистика, најголем раст е измерен во секторот Рударство и вадење камен – 6,8 отсто, во градежништвото 5,5 отсто и во секторот трговија 4,9 проценти. Кај преработувачаката индустрија пак, е забележан пад од 0,5 отсто. Домаќинствата и државата ја зголемиле потрошувачката за 3, односно 2 проценти, а бруто инвестициите пораснале за скоро 15 отсто. Податоците на Статистика покажуваат и дека за првпат увозот растел побрзо од извозот, а невработеноста се спуштила на 17,1 отсто.
 

Содржината е прочитана 253 пати.