Култура

„Медена земја“ на листата најдобри документарци во Њујорк

четврток, 05 декември 2019

Документарниот филм „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов доби две нови признанија во Њујорк. Друштвото на њујоршки филмски критичари New York Film Critics Circle (NYFCC) го прогласи за најдобар во 2019, а македонскиот документарец се најде на врвот на листата најдобри филмови оваа година и според престижниот весник „Њујорк Тајмс“.

Доделувањето на наградата од Друштвото на њујоршки филмски критичари ќе се одржи на 85. церемонија на 7 јануари. Меѓу останатите добитници се „Ирецот“ на Мартин Скорсезе, кој доби награда за најдобар филм и за најдобар спореден глумец за Џо Пеши, додека браќата Бени и Jош Сафди ја добија наградата з анајдобра режија за „Несечени камења“.

„Зачнат како владино-спонзорирано информативно видео, овој документарец не е ништо помалку од установен еп, алегорија за животната средина од вистинскиот живот и, не помалку, боцкава комедија за вечниот проблем со непогодени соседи“, пишува реномираниот критичар А.О. Скот во „Њујорк Тајмс“ на чија листа најдобри филмови на годината се најдоа исто така „Ирецот“ на Скорсезе, „Беше еднаш во Холивуд“ на Квентин Тарантино и „Паразит“ на Бонг Јон-хо.


 

Содржината е прочитана 305 пати.