Бизнис вести

Домашните компании треба сами да им тропнат на врата на странските инвеститори во земјава

Македонските компании треба да ја подобрат соработката со странските инвеститори и да понудат квалитетни и стандардизирани производи, но за тоа е потребно да се намали административниот товар врз компаниите и да продолжат реформите во образованието во насока на продуцирање кадри потребни за стопанството

среда, 04 декември 2019

Странските инвеститори сакаат да ги вклучат македонските компании во својот бизнис, но очекуваат тие сами да дојдат, да им тропнат на врата и да прашаат „што можам да направам за вас“, зашто нема бизнисот да дојде кај нив и да им рече „што можам да сторам за вас“.

Домашните компании треба да ја подобрат соработката со странските инвеститори што ќе влијае на зголемување на нивната продуктивност, вредноста и квалитетот на производите. Ова е целта на проектот „Зголемување на конкурентноста на домашните мали и средни претпријатија со цел подобрување на нивната соработка со странските инвеститори InComSMEs“ финансиран од Европската комисија што го спроведуваат Машинскиот факултет од Скопје, Стопанската комора на Македонија и Техничкиот универзитет од Виена.

Но, за да се постигне таа цел, македонските компании треба да понудат квалитетни и стандардизирани производи, да се намали административниот товар и да продолжат реформите во образованието во насока на продуцирање кадри потребни за стопанството, беше речено на денешната завршна конференција на проектот.

„Потенцијалот на македонските компании не е доволно искористен и тоа е клучниот предизвик на македонската економија. Согласно последниот извшетај на Европската комисија за Северна Македонија, едвај да има воспоставено некакви врски меѓу домашните компании и инвеститорите во зоните. За јакнење на ваквите врски, многу работи зависат од деловната средина, односно, треба да бидат исполнети некои општи и специфични услови за функционирање на компаниите“, рече Фрег Јанмаат, раководител на економскиот оддел во Канцеларијата на Европската комисија во Скопје.

Според Јанмаат, некои од општите услови се владеење на правото, поефикасна јавна администрација и борбата против корупцијата, додека специфичните услови се однесуваат на потребата од квалитетен производ според европските и меѓународните стандарди кој ќе може да биде вклучен во производството на странските компании, реформа во образованието и намалување на административниот товар што паѓа врз компаниите.

Претседателот на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, Штефан Петер, рече дека секој странски инвеститор во земјава работи со македонска компанија, но дека е тоа повеќе во придружните дејности, како обезбедување, или храна, што не е доволно.

„Ние сакаме да ги вклучиме македонските компании во нашиот вистински бизнис, да бидат наши добавувачи. Но, македонските компании треба да дојдат кај инвеститорите, независно дали се тие во зоните или не, да им тропнат на врата и да прашаат „што можам да направам за вас“, зашто не е обратно, нема бизнисот да дојде кај нив и да им рече „што можам да сторам за вас“. Се почнува со првиот чекор, а тоа е комуникацијата“, рече Петер посочувајќи ја ЕВН како позитивен пример на компанија која последниве неколку години работела со повеќе од 5.000 македонски компании.

 

Содржината е прочитана 75 пати.