МАКЕДОНИЈА

Продолжува проектот „Купи куќа, купи стан“ со нови поволности

Граѓаните од 6-8 декември на саемот „Купи куќа, купи стан“, кој ќе се одржува во Скопје Сити Мол, ќе можат на едно место да добијат информации од Министерството за финансии, банките кои се во проектот и од градежните компании

вторник, 03 декември 2019

Проектот „Купи куќа, купи стан“ со кој државата субвенционира станбени кредити продолжува и догодина за што се предвидени и средства во Буџетот за 2020. Овој пат проектот нуди одредени новини и поволности, како што се намалените камати за кредитот.

На саемот „Купи куќа, купи стан“, кој ќе се одржува од 6 до 8 декември во Скопје Сити Мол сите заинтересирани ќе можат на едно место да добијат информации од Министерството за финансии, од банките кои се во проектот и од градежните компании, како да аплицираат за истиот.

Министерката за финансии, Нина Ангеловска денеска ги промовираше новините со кои значително се подобрени условите за граѓаните кои имаат потреба од поддршка од државата за да се стекнат со сопствен дом.

„Најголема поволност за граѓаните е намалувањето на каматните стапки за одобрување на субвенциониран станбен кредит. За моделите каде што се субвенционира ратата од кредитот од страна на државата, каматната стапка се намали од 3,95 на 2,9 проценти, додека за четвртата и петата година каматната стапка е намалена од 4,44 на 3,9 проценти. И кај моделите каде се субвенционира учеството каматната стапка е намалена од 4,5%+ЕУРИБОР на 4%+ЕУРИБОР“, рече Ангеловска.

Министерката информира дека има нови модели, кои се особено поволни за младите со возраст до и наполнети 35 години.

„За купување стан, каде интересот е најголем, субвенцијата на месечната рата е зголемена од 50 на 70 проценти. Ова значи дека во првите пет години од исплатата на кредитот 70 отсто од месечната рата ќе плаќа државата, додека корисникот на кредитот ќе плаќа само 30 отсто. Исто така од 50 на 70 проценти е зголемена и субвенцијата за учеството, односно, доколку корисникот на проектот го искористи овој модел, 70 отсто од учеството од кредитот ќе му го плати државата“, рече Ангеловска.

Министерката ја истакна и дополнителната нова поволност во проектот, според која за секое новородено или посвоено дете во текот на првите десет години од користење на кредитот, корисникот на кредитот добива дополнителна субвенција од 30 проценти на ратата во текот на една година плус.

Во рамки на проектот „Купи куќа,купи стан“, годинава има доделено 97 станбени кредити во износ од 3,6 милиони евра и доделена субвенција од 1,1 милион евра, а само последните три месеци има доделено 61 кредит. Од вкупно одобрените кредити годинава за млади се 48. За станови се 71 од одобрените кредити, а останатите се за куќи. Се очекува до крајот на годината да има околу 150 доделени кредити.

 

Содржината е прочитана 88 пати.