Интервјуа

Препознатливиот квалитет на печатите „Тродат“ докажан во тридецениско постоење на пазарот

Интервју со Наташа Ангеловска, генерален менаџер на ТРОДАТ-ТРОМАК – Скопје во кое ја објаснува изработката на печатите со компјутерско-ласерска технологија, говори за секојдневното инвестирање во компанијата за да се добие врвен квалитет и професионализам со кои успешно се борат со конкуренцијата, но и за зацврстувањето на улогата на жената во бизнис-секторот, особено во дејности што не се така „женски“

понеделник, 02 декември 2019

МАРИЛИ: Раководите со компанија што е пионер во изработката на печати. Ова е семеен бизнис, па оттаму, кажете ни нешто повеќе за фирмата, за самиот бренд, за вработените ...
АНГЕЛОВСКА:
„Тродат“ потекнува од Австрија, но одамна ги премина државните граници. Денес групацијата „Тродат“ опфаќа повеќе од триесетина меѓународни филијали со повеќе од илјада вработени низ целиот свет. Веќе со децении „Тродат“ упорно се шири и денес е водечка компанија на светскиот пазар за автоматски печати со вградено перниче и доминантна е во областа на гравирањето, маркирањето и режењето со ласери преку „Trotek“. Печатите и другите производи на „Тродат“ се иновативни и приспособени за секаква примена. Сестринската компанија „Trotek“ ја произведува потребната технологија за производителите на печати и им овозможува да прават печати со конзистентно чист и убав отпечаток. Нашата фирма „Тродат печати“ е семејна фирма со традиција. Сета благодарност за нејзиното основање, успешно работење и опстанување долги години му припаѓа на мојот свекор, кој целиот свој живот го посвети на изработката на печати, најпрвин рачно, а подоцна и со најсовремена ласерска технологија. Тој е првиот човек во Македонија што започнал со изработка на печати. Почетоците на фирмата се во ГТЦ, подоцна во трговскиот центар „Беверли хилс“ и на крајот, повеќе од 30 години, па до денес, со една и единствена локација - спроти МАНУ на главниот булевар.
ТРОДАТ е јак бренд. Ние се фокусираме на неговиот потенцијал и додаваме на вредноста со нашиот удел во продажбата. Нашите потрошувачи се клучни за успешна работа и затоа сакаме да бидеме нивен омилен бренд. Многу внимание обрнуваме на ширењето на пазарот и на негова контрола за квалитет. Квалитетот е нешто што добро го познаваме. Ние сме врвни стручњаци за изработка и за продажба на печати. Постојано се усовршуваме, работиме на креативноста и меѓусебно си разменуваме знаења и искуства. Кога станува збор за мојата работа и за целата тежина што ја носам секој ден со сѐ она што треба да се заврши, мора да се пофалам во однос на поддршката што ја имам од мојата фамилија и од тимот со кој работам и со кој функционираме беспрекорно.

МАРИЛИ: Печатите „Тродат“ имаат препознатлив квалитет, за што најдобар доказ е тридецениското постоење на пазарот. Како се изработуваат и колку во процесот на изработка се користат современи методи и технологии? Дали изработувате и нешто друго освен печати? 
АНГЕЛОВСКА:
Нашата работа е специфична и не е многу распространета, а ние сме усовршени во тоа што го работиме. И покрај тридецениското постоење на пазарот, секојдневно учиме и го усовршуваме начинот на изработка и дизајн. Имаме 30-годишна архива и база на податоци од цела држава за сите што прават печати кај нас и таа е заштитена, а со тоа се штитат и клиентите. Секојдневно инвестираме во растот на компанијата со која овозможуваме врвен квалитет и професионализам. Соработката со австриската водечка компанија на светскиот пазар на печати, брендот Тродат, овозможува нашата компанија постојано да ги следи светските трендови. Како генерални застапници за „Тродат“ во Македонија преку групацијата „Интерпејпр“ гарантираме за оригиналноста на печатите, нивниот квалитет и цена. Изработката на печатите е со компјутерско-ласерска технологија што нуди извонредна прецизност на производот. Сите печати, помошен материјал, како и машина за гравирање се од компанијата „ТРОДАТ-ТРОТЕК“, со што сме препознатливи во начинот на изработка, како и со квалитетот што го нудиме.

МАРИЛИ: Како се борите со нелојалната конкуренција во Вашиот бизнис, дали квалитетот е пресуден за да бидете на врвот со години?
АНГЕЛОВСКА:
Според моето мислење, конкуренцијата е здрава само ако е лојална. Можам да се пофалам со голем број компании што работат иста дејност и со кои одлично соработуваме долги години. Работа има за сите. За жал, има и нелојална конкуренција. Нелојална е затоа што ѝ нанесоа штета на нашата компанија, доведувајќи ги во заблуда сите наши клиенти, затоа што целиот труд вложен сиве овие години како име, како бренд сакаат да го искористат и да се претстават како заслужни за успехот на „Тродат“, претставувајќи се со исто име. Тие се спротивно на сѐ она што нѐ учеше нашиот учител и водич во работата. Долгото опстанување на пазарот се должи на константен непроменлив пристап во работата и на квалитетот. Квалитетот на производите и услугата, секако, се пресудни за да се биде на врвот со години. Потрошувачите секогаш знаат да го препознаат вистинскиот квалитет. И многу сум им благодарна за лојалноста и за поддршката што ја покажуваат.

МАРИЛИ: Како ги усогласувате професионалните и приватните обврски? Вие сте жена менаџер, но и семејна жена, сопруга и мајка на три деца, па имате ли слободно време и како го исполнувате?
АНГЕЛОВСКА:
Јас сум семејна и традиционално воспитана жена што го негува и го почитува традиционалниот начин на живот. Секогаш се стремам да има хиерархија, ред и почитување во нашиот дом. Моето семејство, моето СЕ, се мојот сопруг и моите три сина од тринаесет, седум и една година. Целото слободно време што го имам го минувам со моето семејство и додека сме заедно насочени сме едни на други, нема работа, нема телефони, само се забавуваме. Тие се мојот приоритет, а приоритетите го креираат балансот. Значи, добра организација и сѐ се постигнува.По улогата на мајка и сите предизвици што ги поминуваме со нашите деца, сѐ друго е некако полесно. Ова не е кажано како тежина од тоа да се биде мајка, туку спротивно од тоа. Кога кон сите работи ќе се поставиме како што се поставуваме во улогата на мајка, тогаш ќе имаме и успех. Многу сум му благодарна на моето семејство што верува во мене и ми ја дава целата поддршка да продолжам со работењето, таму каде што застана мојот свекор. Од него научивме многу корисни совети и приказни, тоа што тој ќе го заборавеше да ни го каже, го дополнуваше мојата свекрва што ја сакам како втора мајка. Сето тоа ја крена мојата самодоверба и многу ми помогна да продолжам со работењето, да се усовршам и да продолжам да напредувам со високо темпо. Ми помогна да бидам чесна и одговорна личност и навреме да ги завршувам сите обврски. Ми помогна да чекорам со главата горе, горда на своите успеси. Но успехот не е само мој. Успехот е на мојот татко, мајка, сестра, мојата свекрва, свекор, моите прекрасни деца, мојот сопруг и девер, целата фамилија и сите мои вработени. Сите тие стојат зад мене.

МАРИЛИ: Какви се Вашите планови за во иднина?
АНГЕЛОВСКА:
Нашите професионални планови секогаш се поврзани со „Тродат“ бидејќи оваа компанија за мене е многу повеќе од работна обврска. Во нашата стратегија „скроивме“ план за континуиран развој, а со тоа стекнавме значајна позиција на пазарот и станавме лидер во областа на производството на печати. Секојдневно поставуваме нови стандарди на пазарот и постојано ги надградуваме со цел до потрошувачите да доставиме колку што е можно поквалитетен производ. Мојата и задачата на мојот тим, сега и понатаму, ќе биде на секој можен начин со своето знаење, искуство и напорна работа да успееме сето тоа да го реализираме на највисоко можно ниво. 

МАРИЛИ: Сметате ли дека денес жените во нашата држава се подеднакво успешни менаџери како мажите, успеваат ли да се изборат за својата позиција, особено во дејности што не се така „женски“?
АНГЕЛОВСКА:
Јас сум силен поддржувач на промоцијата и на зацврстувањето на улогата на жената во бизнис-секторот, особено во дејности што не се така „женски“. Девојките, а потоа и жените мора да се свесни за својот квалитет и за своите способности. Така најлесно ќе ја заземат улогата на успешни менаџери. Секоја жена по природа е борбена, страсна, упорна и јака. Животот и работата нѐ учат да бидеме такви. Со сите предизвици, искуства, убави и лоши, на туѓ грб и на сопствена кожа, со сите дувнати свеќички секоја година сме побогати и поподготвени да чекориме напред и да се справуваме со сѐ она што го носи животот.

 

 

 

Содржината е прочитана 168 пати.