Култура

„Јас и ти, едно сме“, последната изложба од проектот „Уметност за сите“

Во среда, 4 декември во 12 часот во Чифте амам ќе биде реализирана последната изложба од ликовно- едукативниот проект на Националната галерија

петок, 29 ноември 2019

По повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби во среда, 4 декември во 12 часот во Чифте амам ќе биде реализирана работилницата „Јас и ти, едно сме“ која претставува последна изложба од проектот „Уметност за сите“.

Ликовно- едукативниот проект „Уметност за сите“ е досега најголемиот едукативен проект на Националната галерија на Северна Македонија во доменот на едукативниот сектор. Како дел од проектот беа реализирани голем број работилници кои анимираа учесници-деца со различен спектар на попречености, различна возраст, специфики, социјален статус, пол, посебни потреби, притоа нудејќи можност за социјална инклузија, преку вклучување врсници од редовната настава.

Проектот кој беше финасиран во рамките на програмата МАТРА на Амбасадата на Кралството Холандија е пример за грижа за различностите и потребите на маргинализираните групи. Во период од 2017 до 2019 година беа реализирани работилниците: „Од мој агол“, „Дај му форма на животот“, „Пролет, лето,есен,зима...и повторно пролет“ и последниот, „Јас и ти, едно сме“.

„Проектов го реализиравме во четири циклуси од по три месеци, заокружувајки го со последната работилница под наслов ’Јас и ти, едно сме’. Општествената одговорност на галеријата ја практикуваме низ проекти со социјално-културолошки инклузивен пристап кон лицата со попреченост и хендикеп. Од тука, овој проект е предвесник на Националната стратегија за развој на културата во земјата до 2022 година и е пример за грижата кон различностите, потребите на посебните, ранливите и маргинализираните групи во општеството, нивните културни планови и потреби“, вели д-р Дита Старова Ќерими, директор на Националната галерија.

 

 

 

Содржината е прочитана 50 пати.