Бизнис вести

Почна субвенционирањето на придонесите за зголемените плати

Субвенционирањето почнува со исплата на плататa за октомври годинава и ќе трае заклучно до 31.10. 2022 година. За исплатените плати за октомври работодавецот кој бара субвенционирање, треба да поднесе исправки, а ќе има автоматски поврат седниот месец

четврток, 28 ноември 2019

Работодавачите веќе можат да ги зголемуваат платите на своите вработени од 600 до 6.000 денари и да користат субвенции од државата за придонесите на така зголемениот износ.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска денеска потенцираше дека Законот за субвенионирање важи за сите вработени во реалниот сектор и за сите компании. Таа појасни дека компанијата може да ја зголеми платата колку сака, но оти ќе се субвенционираат придонеси за максимум 6.000 денари.

Царовска очекува околу 20 до 25 отсто од вработените во приватниот сектор во земјава да ја искористат оваа мерка.
За оваа намена се предвидени 2,4 милијарди денари во новиот буџет. Законот важи три години, а дополнително ќе се разговара за евентулно негово продолжување.

Управата за јавни приходи е подготвена да ги прими сите барања и да одговори на обврската. Директорката Сања Лукаревска рече дека постапката е едноставна.

„Барањето за субвенционирање на придонесите работодавачите го поднесуваат преку месечната пресметка за интегрирана наплата, образец МПИН, со внесување на ознака за лицето за кое побаруваат субвенционирање. Со внесување на шифрата, УЈП и за вработениот за кој се бара зголемување на платата - осигуреникот, а и за работодавачот, ја проверува исполнетоста на законските услови и во декларацијата за прием дава известување до работодавачот. За лицата за кои се одобрува субвенционирање, работодавачите ќе добијат порака дека се исполнети условите, а доколку не се исполнети условите се издава предупредување со појаснување на причината за неисполнување на условите. Субвенционирањето на придонесите се врши директно во пресметката со намалување на износот на придонесот за плаќање“, рече Лукаревска.

Пресметката и намалувањето се спроведува преку целосно автоматизирана процедура, со што е овозможено работодавачите, на наједноставен начин, со внесување на шифра и без дополнителни пресметки, да го остварат законското право.

Субвенционирањето почнува со исплата на плататa за октомври годинава и ќе трае заклучно до 31.10. 2022 година. За исплатените плати за октомври работодавецот кој бара субвенционирање, треба да поднесе исправки, а ќе има автоматски поврат седниот месец.

„Сите што ќе ја зголемат минимапната плата и ќе побараат, ќе добијат субвенционирање“, рече Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи, повикувајќи ги сите работодавачи да ја искористат оваа шанса и појаснувајќи дека сами можат да одлучат кој месец ќе побараат субвенции.
 

Содржината е прочитана 66 пати.