Здравје/ Убавина

Во „Аџибадем Систина“ успешно направени првите кардиохируршки операции покриени од ФЗОМ кај деца помали од 1 година

Оперираните деца се бебиња на девет и 11 месеци кај кои биле дијагностицирани сериозни вродени кардиолошки аномалии. Десет дена по оперативниот зафат тие се пуштени на домашно лекување

среда, 27 ноември 2019

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се извршени две кардиохируршки интервенции кај деца во Одделот за детска кардиохирургија, предводени од кардиохирургот за деца, Владимир Чадиковски. Двете операции се покриени од државниот Фонд за здравствено осигурување.

Оперираните деца се бебиња на девет и 11 месеци. Кај нив биле дијагностицирани сериозни вродени кардиолошки аномалии, односно едното било со дијагноза вентрикуларен септален дефект и изразена пулмонална хипертензија, а другото е со суправалвуларна аортна стеноза. Операциите траеле од 4 до пет часа, а се изведени под надзор на професор Тајар Сариоглу од „Аџибадем“ од Истанбул, кој се смета за основополжник на детската кардиохирургија во Турција.

Десет дена по оперативниот зафат децата се пуштени на домашно лекување. Д-р Чадиковски вели дека децата се постоперативно добро и им посакува побргу да се вратат во нормална секојдневна динамика на животот.

„Аџибадем Систина“ со овој тип интервенции кај деца, кои од неодамна се покриени и од државниот Фонд, докажува дека е од рангот на светските клинички болници во кои се изведуваат сериозни кардиохируршки интервенции кај деца.

„Детската кардиохирургијата е од огромно значење не само за ‘Аџибадем Систина’ туку и за државата. Добиваме поддршка од менаџментот на нашата болница и целта ни е заедно да направиме еден референтен центар на детска кардиохирургија“, вели д-р Чадиковски.

Со развивање на детската кардиохирургија „Аџибадем Систина“ го подигнува нивото на третман на пациентите во оваа мултидисциплинарна гранка, која е една од најтешките за работа.

 

Содржината е прочитана 74 пати.