Македонија

Академик Љупчо Коцарев е новиот претседател на МАНУ

За потпретседатели на МАНУ се избрани академиците Живко Попов и Газанфер Бајрам, а за научен секретар Изет Зекири

вторник, 26 ноември 2019

Академик Љупчо Коцарев е новиот претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Тој беше избран вчера на изборното собрание на ова највисока научна институција во земјава. Коцарев ќе ја преземе оваа функција од актуелниот претседател Таки Фити на 1 јануари.

На собранието за потпретседатели на МАНУ беа избрани академиците Живко Попов и Газанфер Бајрам, а за научен секретар Изет Зекири. Во четиригодишниот мандат на новото раководство за членови на претседателството на МАНУ се избрани академиците: Катица Ќулавкова, Абдулменав Беџети, Владимир Серафимовски, Леонид Грчев, Глигор Јовановски, Радован Павловски и Момир Поленаковиќ.

Љупчо Коцарев е роден е во Скопје во 1955 година. Во родниот град завршил основно и средно образование и дипломирал на Електротехничкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Магистрирал на Електротехничкиот факултет во Белград, а докторирал на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Од 1985 до 1999 година бил вработен на Електротехничкиот факултет, по што а од 1999 до 2016 бил дел од работниот тим на Универзитетот „Калифорнија“ во Сан Диего, САД. Денеска е редовен професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Сестраниот научник, Љупчо Коцарев е избран за член на МАНУ надвор од работниот состав во мај 2003 година, а редовен член станал четири години подоцна, во мај 2007 година.
 

Содржината е прочитана 62 пати.