МАКЕДОНИЈА

Ангеловска: „Јавниот долг стабилизиран и на пониско ниво од 2016 година“

Со Фискалната стратегија од 2016 година било предвидено дека во 2018 година јавниот долг ќе се искачи над 50 отсто, односно на 52,4 отсто, а сега, во третиот квартал од 2019 година е далеку понизок и изнесува 47,7 отсто

вторник, 26 ноември 2019

Јавниот долг е стабилизиран и е намален за 1,1 процентен поен во однос на долгот од 2016 година кога изнесувал 48,8 отсто и кога галопирачки растел, рече министерката за финансии, Нина Ангеловска на вчерашната расправа за Предлог-буџетот 2020 во матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет.

Таа посочи дека следната година ќе се сервисираат стари долгови во износ од скоро 440 милиони евра, како и дека на домашниот пазар ќе се сервисираат долгови по основ на претходно издадени државни хартии од вредност.

Ангеловска, како што соопштуваат од Министерството за финансии, истакна дека со Фискалната стратегија од 2016 година било предвидено дека уште во 2018 година јавниот долг ќе се искачи над 50 отсто, односно на 52,4 отсто, а сега, во третиот квартал од 2019 година е далеку понизок и изнесува 47,7 отсто.

„Старите долгови ги рефинансираме по историски најниски каматни стапки. Земете ги предвид државните хартии од вредност. Ако пред неколку години каматите по кои тогаш се издавале државните хартии изнесувале три отсто, сега изнесуваат 0,7 отсто. Следната година ќе треба да го вратиме ПБГ заемот од 2013 година со каматна стапка од 3,9 отсто и еврообврззницата од 2015 година со каматна стапка од 4,95 отсто. Значи, ги рефинансираме старите долгови по пониска каматна стапка и го стеснуваме долгот што треба да се финансира во иднина“, рече Ангеловска.

Таа посочи дека јавниот долг од 2008 до 2016 година галопирачки растел и дека се зголемил за 3,2 милијарди евра, односно од 1,558 милијарди евра на 4,787 милијарди евра.

Во расправата министерката наведе дека со повлекувањата однадвор последните две години се финансираат крупни инфраструктурни проекти како автопатот Миладиновци-Штип со 80 милиони евра, за автопатот Кичево-Охрид 110 милиони евра, за изградба на гасоводот 55 милиони евра, 20 милиони евра за Коридорот 10, за експресниот пат Радовиш-Штип 20 милиони евра, за проектот за магистрални и регионални патишта 20 милиони евра, за проектот за мали и средни претпријатија 32 милиони евра.

Стабилизирањето на долгот се врши и преку постепена консолидација на буџетскиот дефицит. Како што рече Ангеловска кај буџетскиот дефицит од 2008 до 2014 имало постојано зголемување, додека почнува да се стабилизира од 2017 година наваму. За следната година буџетскиот дефицит е проектиран на пониско ниво од годинава на 2,3 отсто, а се очекува во 2021 и 2022 да се намали на два отсто

Пренесено од МИА
 

Содржината е прочитана 120 пати.