Инфо

Денес се одбележува 25 ноември - Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените

Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените е востановен на првиот состанок на феминистките од Јужна Америка и Кариби во 1981 година во Богота

понеделник, 25 ноември 2019

Светот денеска го одбележува 25 ноември - Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените, годинава под мотото „Обојте го светот портокалово: Генерацијата еднаквост против силувањето”. Со протести во сите поголеми градови отпочнува 16 дена активизам кој ќе заврши на 10 декември 2019 година на Меѓународниот ден на човековите права.

Со црвени чевли во знак на протест против насилството врз жените Брисел денеска симболично потсетува на жртвите и бара казнување на насилниците. Околу 50.000 демонстранти, пак, излегоа вчера на улиците во Париз за да го осудат насилството врз жените, откако беа обелоденети статистиките дека се зголемува бројот на убиства врз жени во Франција, (оваа година најмалку 137 жени починале во Франција од рацете на својот партнер).
Демонстрантите носеа испишани имиња на жени кои биле убиени од нивниот партнер. Протест ќе се одржи и во Русија, единствената земја во Советот на Европа која нема закон за кривично гонење на домашното насилство. Руската група за заштита на правата на жените „Сотсфем Алтернатива“ со протест во центарот на Москва ќе го одбележи Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените.
Според податоците на Обединетите нации, во 2017 година просечно дневно 117 жени и девојчиња биле убиени од својот партнер, или од член на семејството. Многу од жртвите биле убиени само поради својот статус на жена, поради љубомора или поради страв од напуштање. Фрапантни речиси 750 милиони жени и девојчиња стапиле во брак пред нивниот 18. роденден, додека 200 милиони жени и девојчиња претрпеле осакатување на гениталиите. Над 70 проценти од жртвите на трговија со луѓе ширум светот се жени и девојчиња, а секоја трета од нив е сексуално експлоатирана. ОН објавија и дека годишно во светот се случуваат по околу 5.000 убиства за заштита на честа.

Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш, по повод 25 ноември апелираше да се стави крај на сите видови насилство против жените и девојчињата.


„Овие злоупотреби се меѓу најстрашните, најупорните и најраспространетите кршења на човековите права, а со нив се соочува секоја трета жена во светот. Сексуалното насилство врз жените и девојчињата е последица на вековите машка доминација. Да не заборавиме дека родовите нееднаквости што ја поттикнуваат праксата на силување се всушност проблем на неурамнотежена распределба на моќта. Силувањето сè уште се користи како ужасно воено оружје. Сето тоа мора да се смени, веднаш“, рече Гутереш.

Повикувајќи ги владите, граѓанското општество и со сите луѓе во светот цврсто да застанат против сексуалното насилство, тој истакна дека е потребна поголема солидарност со жените кои преживеале насилство и дека мора сите да се залагаат за женските права и еднаквите можности.

Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените 25 ноември е востановен на првиот состанок на феминистките од Јужна Америка и Кариби (Feminist Encuentro) во 1981 година во Богота, во знак на сеќавање на сестрите Патрија, Минерва и Марија Тереза Мирабел, кои биле брутално убиени од диктаторот Рафаел Трујило во Доминиканска Република во 1960 година. На состанокот жените прв пат отворено зборувале за семејното насилство, силувањето и сексуалното злоставување, како и за насилството на кое се изложени од страна на режимите.

Генералното собрание на Обединетите Нации со резолуција 54/134 на 17 декември 1999 година официјално го потврди 25 ноември за Меѓународен ден за борба против насилство врз жените, на што претходеше Декларацијата за борба против насилство врз жените од 20 декември 1993 година.
 
Содржината е прочитана 64 пати.