Интервјуа

„Hilton“ - најголемиот светски хотелски бренд во Скопје

Интервју со Даниела Адемоска, сопственик и генерален менаџер во „DoubleTree by Hilton“ Skopje во кое говори за улогата што ја има „Хилтон“ во подигање на нивото на хотелски вредности во нашата држава, за тоа што значи да се менаџира со хотел од најголемиот светски хотелски бренд, но и за сопственото сфаќање на менаџерската работа особено од позиција на жена

понеделник, 25 ноември 2019

МАРИЛИ: Менаџирате со моментно најголемото и најексклузивното хотелско име во Македонија, брендот „Hilton“, кој, практично, го подигнува нивото на хотелски вредности во нашата држава. Што сѐ мора да поседува и да исполнува еден објект за да биде репрезент на овој бренд и дали Македонија има капацитет и за други вакви звучни имиња, во смисла на економска стабилност, атрактивност, квалификуван кадар...?
АДЕМОСКА:
Македонија има многу плодна „почва“ за развој на овој бизнис. Нашата фамилија долги години е во хотелиерството и ние ги согледавме точките и потенцијалите за раст и развој на оваа гранка. Хотелот „Стоун Бриџ“ ни овозможи директен поглед во хотелиерството. Затоа и го прифативме предизвикот на носење на најголемото хотелско име во светот „Hilton“. Самиот хотел е од „de lux“ висока категорија и претставниците од групацијата „ Hilton“ редовно го посетуваа хотелот, некогаш како „гости“, со цел да се осигурат во извршувањето на правилата што ни ги посочија во договорот од 590 страници. Имаше голем број барања. Тие се грижеа сѐ да биде така како што треба и, секако, да е во согласност со нивните стандарди. Ги разгледуваа сите детали, буквално сѐ! Ова беше предизвик на кој го надградивме нашето долгогодишно хотелиерско искуство. И затоа ни претставува исклучително задоволство што не само што ги остваривме туку и ги надминавме нивните барања.
Со „DoubleTree by Hilton Skopje“ го ставивме Скопје на светската бизнис и туристичка мапа! И со ова само ја започнуваме приказната. Самата инвестиција вреди околу 50 милиони евра и договорот со „ Hilton“ трае 22 години. Нашиот „DoubleTree by Hilton Skopje“ е прогласен за најдобро изграден хотел во Европа за 2018 година. Доказ за тоа е признанието од „Hilton Worldwide“. Сето тоа го направивме благодарејќи на нашата желба да се надминеме, а партнери во реализацијата на тоа се проектанти од престижното „Metex Design“ од Истанбул, едно од најискусните и најдобрите проектантски друштва во Европа.
„DoubleTree by Hilton Skopje“ не смее да биде единствениот од неговиот вид затоа што сме сигурни дека како пазар можеме повеќе. Особено Охрид. Цврсто веруваме дека во Македонија може да се развива овој бизнис. Нашата држава има квалитетни, учени и професионални луѓе и тие се столбот на развојот на оваа гранка.

МАРИЛИ: Кажете ни накратко нешто повеќе за „DoubleTree by Hilton Skopje“, колкав капацитет има, што нуди и колку луѓе се ангажирани за да функционира беспрекорно, онака како што налагаат строгите норми и критериуми на „Hilton“? 
АДЕМОСКА:
„DoubleTree by Hilton Skopje“ има 170 соби, вклучително и 15 луксузни и еден претседателски апартман од 260 квадратни метри, шест конференциски сали по светски стандарди, елегантна сала за свечености „Diamond Ballroom“ подготвена да прими повеќе од 600 гости, луксузен „Euphoria Wellness Spa & Fitness“ центар на површина од 1.400 квадрати во чиј состав се наоѓаат затворен базен, традиционална турска бања, сауна, џакузи, ултрамодерна опрема за вежбање. Сето тоа на површина на 25.000 квадратни метри, со затворен и отворен паркинг за вкупно 170 возила. Низата погодности и понуди што ги нудиме се незаменливи и затоа може да кажеме дека „DoubleTree by Hilton Skopje“ во Скопје е неприкосновен дел од семејството „Hilton“.
„Euphoria Wellness Spa & Fitness“, заедно со ресторанот „Monte“ и бизнис-центарот, работат 24 часа. Самиот ресторан е целосно опремен со брендот „Elektrolux“ со кој е потпишан меморандум за соработка во кој нашиот ресторан ќе се користи како show room во регионов. Имаме шатл-услуга до центарот на градот, брза пералница, панорамски ресторан „Roof Bar No.55“, најсовремена аудио и видеоопрема, BMS- систем за менаџирање на безбедноста, блиндирани стакла што се неопходни за протоколите на високите делегати, како и многу други погодности што го прават„DoubleTree by Hilton Skopje“ поразличен од другите хотели во градот.
Дополнително, работиме на концепт full service и со сите можни услуги, заедно со сместувањето, ги исполнуваме стандардите за ниво од 6 ѕвездички. Потребите на „Hilton“ не беа едноставни. Тие имаат 17 бренда во своето портфолио, инсистираат на највисоки стандарди во секој поглед на опремувањето на хотелот. Еден пример е тоа што „Hilton“ е добро познат по удобноста на креветите за спиење, самите душеци ги изработуваат само четири производители од целиот свет, од каде ги обезбедивме и ние. Друг интересен податок е тоа што подот во „DoubleTree by Hilton Skopjе“ е од Шкотска, теписите, завесите и најразличните изолациони материјали се од Италија, Турција, Америка, Англија и уште од неколку земји.
Сето тоа креира една рамка каде што стотици вработени се грижат за хотелот и за неговиот стандард. Замислете едно дрво, сето украсено до тоа ниво што го одзема здивот. Тоа е нашиот „DoubleTree by Hilton Skopje“. Тука вработените се гранките, а стеблото, каде што поминува крвотокот, сме ние. За да биде сѐ перфектно имаме 170 вработени. На наше големо задоволство, а на што сме особено горди, успеавме многу наши квалитетни деца кои работеа надвор да ги вратиме назад и успешно да ги интегрираме во хотелот. На тој начин тие ја продолжија кариерата во својата земја. Тешко е да се најде доволно квалитетен кадар, но со привлечните плати и со обуките по високите стандарди на „Hilton“ успеавме да ги вработиме најдобрите.

МАРИЛИ: Веќе 20 години сте менаџер и тоа во компании од различни области, не само од хотелиерството. Што треба да поседува една личност за да остане толку долго на менаџерска позиција, особено кога станува збор за жена?
АДЕМОСКА:
Многу е важно добро да се организира секој што сака да успее во сѐ што ќе си постави. Одделувајќи време за да си поставите ефикасен „time management“ е една од клучните работи. Така си дозволувам да им се посветам на приоритетите. Фокусирајќи се на работата успеав да достигнам ниво каде што ми беше потребен нов предизвик и тука дојде „DoubleTree by Hilton Skopje“, каде што, како што напоменав претходно, успеавме да се надминеме не само себеси туку и потребите и барањата на „Хилтон“. Сега, во овој момент, се чувствувам исполнета со енергија и со поттик да постигнам сѐ. Се најдов, сѐ уште се наоѓам во ситуација каде што водам неколку различни работи, со главен акцент на „Capitol Mall & Residence“ и „DoubleTree by Hilton Skopje“ и со секоја одлука сѐ повеќе и повеќе се надградувам.
Според моето мислење, кога ќе се организирате добро, се фокусирате на приоритетите и се предизвикувате себеси, па така нема граница што не може да ја поминете. Веќе 20 години живеам со оваа формула и во ниедна инстанција не се покажала како погрешна. Така растете и се развивате и не стоите во место, доживувате секојдневен прогрес. Затоа работата, особено менаџерската работа ја разбирам како градење карактер, а не кариера. Кога сте жена, сето тоа се дуплира, посебно со деца и семејство, но тоа овозможува многу повеќе, поголемо ниво на самодоверба кога ќе постигнете нешто. Едноставно станувате максимално свесни за сопственото ID и сте најдобриот менаџер на себеси.

МАРИЛИ: Со оглед на тоа дека Вашата професија бара максимална ангажираност, речиси без работно време, а имајќи предвид дека сте и сопруга и мајка, како успевате да ги усогласите професионалните и приватните обврски? Како „ги полните батериите“, односно што Ве исполнува кога зад Вас ќе ја затворите вратата на „Hilton“?
АДЕМОСКА:
Секогаш одделувам време за семејството. Но тоа не се само неколку часа поминати со нив, туку моменти што ниту тие, ниту сопругот, ниту јас нема да ги заборавиме. Седнуваме заедно на ручек или на вечера и разговараме за денот, споделувајќи анегдоти и ситуации на кои сите се смееме. И јас и мојот сопруг имаме бурни работни денови. Никогаш не знаеме што ќе донесе денот и секогаш сме на стартната линија, подготвени да се соочиме со сето тоа што ни го носи работата. Кога ќе си дојдеме дома со нашите деца земаме здив и на самиот праг ја поминуваме финиш линијата. Чувствувајќи се како победници кога ќе ги видиме како нѐ гледаат и чекаат да поминеме време заедно. Кога се обвиваш со тие чувства во секундите, минутите и часовите со семејството, тогаш знаеш што е најважно и што е тоа што ќе те води наредниот ден. Овие мигови се мојот полнач на енергија. Времето со семејството ми е најомилен дел од денот. Искрено да Ви кажам, со нетрпение ги очекувам летните празници и денови. Иако и тогаш работиме, сепак, правиме многу за да изградиме нови и значајни моменти со семејството. Уживам во нивните насмевки и среќа. Знаете како велат: „На крајот од денот сѐ што правиме, правиме за децата.“ 

МАРИЛИ: Какви се Вашите планови за во иднина? Дали по „Hilton“ ќе се соочите со нови предизвици?
АДЕМОСКА:
Предизвици си поставуваме секогаш, секојдневно, поставувајќи нови граници што ќе мора да ги поминеме. Моментно со „DoubleTree by Hilton Skopje“ успеавме да поставиме нов стандард во хотелиерството во Скопје и моментно сме целосно фокусирани да го развиеме. Приказната на „Hilton“ само што започна и очекувајте уште многу новости од нашиот холдинг.
Отворањето на хотелот за нас не беше предизвик само за надградување на нашиот бизнис туку и за самото општество и економија. Преземавме чекори каде што стотици млади луѓе ќе се развиваат на професионален, но и на личен план. Тие ќе бидат темелот на развојот во хотелиерството поставувајќи стандарди што ретко ќе се гледаат во регионот, а и пошироко. Наедно, отворивме хотел каде што врвни бизнисмени и делегати ќе го посетуваат Скопје, срцето на Северна Македонија, каде што ќе склучуваат договори и ќе развиваат бизниси креирајќи плодна клима за нивен влез во државата, овозможувајќи многубројни инвестиции.
Со „DoubleTree by Hilton Skopje“ го ставивме Скопје на светската бизнис и туристичка мапа! И со ова само ја започнуваме приказната...
 

Содржината е прочитана 966 пати.