Култура

Центарот за современа ликовна уметност Прилеп - дел од „Art Tessaloniki“

На Интеранционалниот саем на современа уметност во Солун пред меѓународната публика ќе бидат изложени уметничките дела на познати автори, учесници на Интернационалните ликовни работилници, дела создадени во текот на 62-годишното континуирано ликовно творештво на ЦСЛУ

петок, 22 ноември 2019

Центарот за современа ликовна уметност – Прилеп (ЦСЛУ) учествува на International contemporary art fair „Art Tessaloniki“ што од 21 до 24 ноември се одржува во Солун, Република Грција. На покана на господин PantelisTsatsis, уметнички директор на Саемот, ЦСЛУ е дел од оваа интернационална манифестација со цел пред меѓународната публика да бидат изложени и презентирани уметничките дела на познати автори, учесници на Интернационалните ликовни работилници.

Уметничките дела се создадени во текот на 62 годишното континуирано ликовно творештво на Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп.

Можноста да се презентира нашата држава преку уметноста која е создадена како инспирација од истата, а од страна на меѓународни ликовни уметници е реткост која не смее да се пропушти. Гостувањето на ЦСЛУ-Прилеп на Саемот за уметност во Солун е одлична можност да се покаже дека јазикот на уметноста не познава граници и спорови.

Горан Ристески, првиот човек на Центарот за современа ликовна уметност – Прилеп и главниот „виновник“ за учеството на Саемот ја потенцираше важноста да се присуствува и да се презентира уметноста создадена во нашата држава, надвор од нашите граници.
„Ова е само почеток и нема да застанеме тука, за нас е предизвик и задоволство да ги презентираме уметничките дела создадени во текот на 62-годишното богато ликовно творештво во рамките на ЦСЛУ-Прилеп“, рече Ристески.

Тој додаде дека првиот ден поминал одлично и оти се пријатно изненадени од заинтересираноста за презентираните дела и од бројноста на посетителите кои навистина ја вреднуваат уметноста. Ристески очекува така да биде и во наредните три дена, а потоа, кога ќе се вратат во Македонија да ги раскажат позитивните искуства и важноста за наша презентација надвор од нашите граници.

Во сабота на 23 декември на Саемот е најавено и присуство на заменик министерот за култура, Владимир Лазовски, што, како што потенцира Ристески претставува голема чест за ЦСЛУ-Прилеп и ја докажува несебичната поддршката од Владата, Министерство за култура, како и од „Витаминка“ – Прилеп.

„Уметноста и културата се единственото нешто што останува да биде понатамошно сведоштво за нашето постоење и благодарам што некој го препознава тоа, ни дава сила и можност да ја презентираме нашата држава со гордост и достоинствено“, вели Ристески.

 

Содржината е прочитана 1035 пати.