МАКЕДОНИЈА

Министерството за транспорт и врски со буџет од 95 милиони евра за следната година

Дури 83 проценти од буџетот се расходи наменети за реализација на капитални проекти, па е зголемена сумата за инвестиции во гасификација, железници и за изградба на локални патишта

четврток, 21 ноември 2019

Нешто над 5,810 милијарди денари, или 95 милиони евра изнесува буџетот на Министерството за транспорт и врски за наредната година, што е за околу 855 милиони денари повеќе во однос на годинашниот буџет. Најголем дел од овие пари, односно дури 83 проценти или 4,82 милијарди денари се расходи наменети за реализација на капитални проекти, рече вчера министерот Горан Сугарески.

Тој појасни дека во проектираниот иден буџет се зголемува сумата за инвестиции во гасификација, железници изградба на локални патишта.

„За изградба на желенизацата и за развој на железничкот сектор се планирани 2, 652 милијарди денари, што е 577 милиони денари повеќе отколку за 2019 година. Тоа покажува само колку сме фокусирани во изградба на железницата кон Бугарија, но од друга страна и на одржување на целокупната инфраструктура“, рече Сугарески.

Следната година ќе биде завршена првата делница од пругата кон Бугарија, Куманово – Бељаковце. За втората делница Бељаковце – Куманово се врши евалуација и се очекува таа да заврши во првиот квартал следната година, по што ќе се избере изведувач и ќе стартува изградбата. За третата делница до границата со Бугарија интензивно се преговара за обезбедување финансии кои се проценуваат дека ќе изнесуваат над 370 милиони евра.

Во буџетот за следната година се предвидени и 430 милиони денари за помош на железничкиот транспорт наменет за превозот на патници.

Сугарески најави и средства во висина од 1,31 милијарди денари за доизградба на магистралните гасоводи Неготино- Прилеп-Битола и Скопје-Тетово-Гостивар, кои, како што рече се во поодмината фаза и се планира да бидат изградени догодина. А, следната година ќе се распишат тендери за изградба и на магистралите Велес–Свети Николе и Гостивар– Кичево.

Министерот најави и нов проект за изградба и санација на локални патишта за што се проектирани 247,5 милиони денари, како и 189 милиони денари за изградба на социјални станови во Бутел во Скопје, во Виница, Свети Николе, Велес, Пехчево, Гевгелија, Дебар, Сарај и во Демир Капија.
 

Содржината е прочитана 94 пати.