Бизнис вести

Владата и бизнисот заеднички бараат решенија за отворените прашања

Работната средба на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при Советот на странски инвеститори во рамки на Стопанската комора на Македонија со премиерот Зоран Заев и со економскиот тим на Владата

вторник, 19 ноември 2019

Воведување автономни мерки за увозни царински давачки на репроматеријали и суровини, отворени прашања околу работните односи и безбедност и здравје при работа, системско решавање на проблемот со недостиг од квалификуван кадар и потребата од реформи во образовниот систем, рамномерен регионален развој, мерки од даночната политика и други предлози за зајакнување на конкурентноста на компаниите беа дел од темите на работната средба на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство со премиерот Зоран Заев и со економскиот тим на Владата.

На средбата на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при Советот на странски инвеститори во рамки на Стопанската комора на Македонија присуствуваа и вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерката за финансии, Нина Ангеловска, министерот за економија Крешник Бектеши, директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски и Софче Јовановска, шеф на кабинетот на Анѓушев. Од Стопанската комора потенцираат дека на средбата беа презентирани решенијата и текот на остварувањето на некои од предлог-препораките за унапредување на бизнис климата креирани од компаниите од ТИРЗ и индустриските зелени зони нотирани на претходната работна средба.

Премиерот истакна дека Владата е одлучна и посветена да го продолжи ваквиот систематизиран пристап на организација на состаноците и комуникација со надлежните институции околу проблемите и предизвиците со кои се соочува бизнис-секторот, бидејќи е од голема помош за изнаоѓање флексибилни решенија, но и презентирање на можностите кои државата ги презема со цел да излезе во пресрет на компаниите.

Заев истакна дека Владата останува отворена да ги слушне потребите на компаниите и дека ќе води постојан дијалог со сите компании, со странски, но и со домашен капитал, во интерес на економскиот развој на државата и подигнување на животниот стандард на граѓаните.

Како што нагласи Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата, оваа средба беше одлична прилика уште еднаш, непосредно да се запознаат креаторите на економските политики со сетот барања за подобрување на условите за водење бизнис во земјава, но и со понудените решенија за олеснување на работењето во специфични области, со цел да се стимулира подинамично инвестирање на странскиот капитал во земјата.

Во врска со усогласувањето со царинските стапки на ЕУ, како една од сугестиите што дојдоа од страна на Асоцијацијата на компании со технолошки напредно производство при Советот на странски инвеститори, беше посочено дека во овој момент обврска на Република Северна Македонија е да ја усогласува Царинската тарифа со измените во ЕУ само во делот на системот на имиња на стоката, системот на нумеричко означување, единечните мерки, како и забелешките кон соодветните оддели и глави, односно не се врши усогласување во делот на царинските стапки и дека тие обврски земјата ќе ги има по пристапувањето во членство кога ќе се применува Царинската тарифа на ЕУ. Притоа, Владата излезе во пресрет на барањата на компаниите за воведување автономни мерки во областите каде најмногу има потреба од усогласување, а се од особено значење за унапредување на производството, извозот и конкурентноста.

Во моментов во Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство земаат учество 25 странски компании од технолошко-индустриските развојни зони и од индустриските зелени зони од целата држава.

 

Содржината е прочитана 61 пати.