Бизнис вести

Компаниите кои се најголеми потрошувачи на струја ќе мора да воведат мерски за енергетска ефикасност

Новиот Закон за енергетска ефикасност, кој е во собраниска процедура ги обврзува компаниите да обучат и кадри кои ќе го водат процесот, но притоа ќе се внимава инвестициите коишто треба да ги имаат да не ја загрозат нивната финансиска состојба

понеделник, 18 ноември 2019

Вкупно 250 компании ќе бидат обврзани да воведат мерки за енергетска ефикасност. Најголемиот дел од нов се од металургијата, фармацијата и енергетскиот сектор како капацити кој имаат голема потрошувачка на електрична енергија. Компаниите ќе треба да обучат и кадри кои ќе го водат процесот, а ќе имаат и можност да аплицираат за донации од странство.

Ова го предвидува новиот Закон за енергетска ефикасност кој е во собраниска процедура. Како што беше речено на денешната прес-конференција во Стопанската комора, при имплементацијата на законот ќе се води сметка инвестициите коишто треба да ги имаат компаниите да не ја загрозат нивната финансиска состојба.

„Овие компании исполнуваат два од три критериуми за потреба од инвестирање во енергетска ефикасност, но ќе добијат многу од оваа инвестиција: заштеда на енергија во процесот на производство, намалени емисии на стакленички гасови и заштеда на пари“, рече Панче Атанасовски од Агенцијата за енергетика.

Тој додаде дека компаниите мора да добијат финансиска помош од институциите.

„Важно е да се утврди постапка на која компанија кога и како ќе се даде помош за финансиските средства не ја закочат во нејзината работа.За да не се случи од примена на мерките да ја затворите компанијата или бизнисот, туку да и овозможите да ја преживее трансформацијата“, рече Атанасовски.

Од Оганизацијата за индустриски развој од Обединетите нации, УНИДО, велат дека според анализите спроведени во земјава, голем дел од компаниите не знаат како да спроведат мерки за енергетска ефикасност, а уште помалку од нив се запознаени со бенифитот од тоа.

„Самата индустрија не е свесна за можностите и придобивките. Способноста на давателите на услуги, пак, е ограничена, иако постои многу широк опсег на решенија кои може да се применат. Третиот предизвик се политиките за поддршка на енергетската ефикасност. Сепак, спроведувањето на енергетска ефикасност во индустријата се уште не е на оптимално ниво, постои многу голема загуба на енергија и пари“, рече Марко Матеини, експерт од УНИДО.

 

Содржината е прочитана 72 пати.