Здравје/ Убавина

Почна вакцинацијата против грип во Скопје

Засега на граѓаните им се на располагање само комепрцијалните вакцини кои чинат 650 денари, додека бесплатните се очекува да пристгнат до крајот на наредната недела

понеделник, 18 ноември 2019

Во Центарот за јавно здравје - Скопје од денеска почна вакцинацијата против грип. На граѓаните засега им се достапни само комерцијални вакцини што ги набавува Центарот кои чинат 650 денари. Според директорот на Центарот, Арбен Зибери 28.000 бесплатни вакцини што ги набавува Министерството за здравство се очекува да пристигнат до крајот на наредната недела.

Прим.м-р д-р Билјана Даниловска, раководител на Одделението за епидемиологија при Центар за јавно здравје – Скопје рече дека вакцината е четиритипна и штити од четири типа .

„Вакцините се пастерови и содржат два типа на А вирус: Х1Н1 и Х3Н2 и два типа на Б: викторија тип и амагата тип. Од епидемиолошки аспект очекуваме дека ова време е погодно за развој на вирусите, бактериите, појава на вирусни заболувања, меѓу кои и грипот. Пикот го очекуваме некаде во февруари, што значи дека сега во овој момент вакцинацијата е сосема адекватна, бидејќи потребни се 15 дена за да се создаде имунитет“, рече Даниловска.

Освен ризичните групи (лица постари од 65 гогини, хроничните болни, малите деца до пет години, здравствените работници), вакцинацијата им се препорачува и на оние кои поради работата се во контакт со многу лица.

Комерцијалните вакцини може да се примат во две работни смени од 7:30 до 18:00 часот во Центарот, додека за бесплатните вакцини, освен во ЦЈЗ, ќе има и дополнителни пунктови во три скопски поликлиники: „Јане Сандански“, „Чаир“ и „Букурешт“.
 

Содржината е прочитана 67 пати.