Култура

Објавена „Ангелите од Москополе-егзилот“ од Катја Максим

Во овој роман, кој е втора книга од истоимената трилогија на романската авторка, добар дел од случувањата се одвиваат во Битола, Солун и Венеција, првите засолништа на прогонетите од Москополе

понеделник, 18 ноември 2019

Во издание на „Бата прес“ е објавена „Ангелите од Москополе‒ егзилот“, втора книга од истоимената трилогија од познатата романска авторка Катја Максим. И првата и втората книга на македонски ги преведе Димо Н. Димчев (Дина Кувата), а нивното објавување беше поддржано од Министерството за култура.

Добар дел од случувањата во романот се одвиваат во Битола, Солун и Венеција, првите засолништа на прогонетите од Москополе. По големата трагедија тие се обидувале за тоа да ги известат европските дипломати, кои од своја страна, пак, биле преокупирани со луксузни балови, љубов и неверства, со издигањето и падот на Наполеон и Француската револуција.

Авторката и во овој роман сведочи и за големата љубов на Лиа Петреа и Коста Чегани, нивното континуирано школување и напорот влашкиот (ароманскиот) јазик, култура и историја да им ги претстават на најпознатите европски научници и интелектуалци во тоа време.

Тука се преплетуваат судбините на некои од најславните Власи, како на богатиот и контроверзен трговец и банкар Симон Сина, на професорот и едно време ректор на академијата од Москополе Теодор Каваљоти, или на славниот германски историчар и теолог Јохан Тунман.

А, секако, предизвик е и документираното сведоштво за појавата на Друштвото „Македонија“, на почетокот на 19. век.
Првата промоција на делото беше во рамките на фестивалот на ароманскиот фолклор 2019 година, што се одржа во Домот на АРМ во Скопје, каде што авторката Катја Максим заедно со Аура Пиха, литературна критичарка и новинарка на Радио Романија, беше специјален гостин.

За наредната година е најавено и објавувањето на третата книга од документарната трилогија, гостување на авторката и промоција на делата во Битола и Крушево, како и во Албанија (Москополе и Корча).
 

Содржината е прочитана 272 пати.