Бизнис вести

ММФ: Економијата со солиден раст, да се остане на патот на реформите

ММФ забележува дека имплементираната мерка за поврат на ДДВ ќе придонесе за зголемување на трошоците, а одложувањето на прогресивниот персонален данок на доход и данокот на капитални добивки ќе го забави растот на приходите, додека истовремено, повисоките придонеси за социјално осигурување ќе генерираат дополнителни приходи

понеделник, 18 ноември 2019

Во последните години властите повторно го оживеаја моментумот на реформи. Економијата влезе во период на солиден раст и стабилност по долготрајната политичка криза. Растот се очекува да се забрза до 3,4 отсто во 2020 година. Но, од суштинско значење е да се остане на патот на реформата со цел дополнително да се зајакне отпорноста на економијата на шокови и трајно да се зголеми нивото на приходите.

Ова го оценува Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд што минатата недела престојуваше во земјава.

„Клучните институционални реформи, како и оние од областа на управувањето ја покажаа нивната посветеност за справување со долгорочните предизвици. Уште повеќе, зајакнати се рамките за пензиски и социјални трошења, додека оданочувањето беше направено поправично, со што се подобрува одржливоста на јавните финасии. Со овие активности, властите стекнаа значителен кредибилитет на политиките и економијата повторно се опорави“, се наведува во заклучоците на ММФ.

Според тимот на ММФ, останувањето на патот на реформите ќе помогне во одржувањето на кредибилитетот на политиките.

„Мисијата на ММФ препорача да се искористи овој период на солиден раст за да се обнови фискалниот простор, со цел да се зајакне способноста на економијата да се справува со идни шокови. Во овој контекст плановите за модифицирање на елементи од неодамнешните фискални реформи би можеле да поткопаат некои од придобивките кои веќе биле остварени. Одејќи напред, зголемувањето на поголемата еднаквост на приходите и подобрувњето на животниот стандард ќе бара микс од фискална политика што е насочена кон раст и непоколеблива посветеност кон амбициозната агенда за структурни реформи“, се вели во заклучната изјава на Мисијата на ММФ.

Според ММФ, растот се очекува да зајакнува во текот на оваа година придвижуван од силната домашна побарувачка и солидниот раст на извозот и покрај забавувањето на меѓународната трговија.

„Растот се очекува да се забрза до 3,4 отсто во 2020 година, што е одраз на привременото поттикнување од Буџетот за 2020 година и на повисоките плати. Пониските даноци и повисоките пензии и плати, вклучително и во јавниот сектор и минималните плати, се очекува да бидат дополнителен, иако еднократен, стимул за потрошувачката. Растот на извозот и инвестициите ќе остане солиден, иако ќе забави, што е одраз на слабиот раст кај трговските партнери. Ова забавување би можело да стане поизразено доколку се влошат трговските тензии на глобално ниво или доколку се одложат инвестициските планови поради неизвесноста во текот на изборниот период“, пишува во извештајот.

Од ММФ посочуваат дека иако во последниве две децении растот беше солиден, тој не беше доволен за да може значително да го стесни големиот јаз во доходот помеѓу ЕУ и Македонија. Порачуваат дека за да се забрза изедначувањето на приходите, од суштинска важност е да се продолжи со реформите за подобрување на јавната администрација, владеењето на правото и контролата врз корупцијата.

Во однос на зголемувањето на минималната плата оценуваат дека таа ќе порасне до над 50 отсто од просечната плата што е високо според регионалните стандарди, но оти зголемувањето на минималната плата можеби нема да биде ефективно во намалувањето на сиромаштијата, особено доколку тоа делува кон намалување на формалното вработување. Мисијата на ММФ препорачува да се зачува конкуреноста преку тесно усогласување на минималната плата со продуктивноста, притоа осигурувајќи целосно спроведување.

Тимот на ММФ очекува фискалната позиција во 2020 година да биде порелаксирана и проектира фискалниот дефицит да се прошири до 2,5 отсто од БДП во 2020 година.

„На страната на трошењето, Предлог-буџетот за 2020 година предвидува дополнително зголемување на пензиските надоместоци кое е поврзано со растот на платите. Веќе имплементираната мерка за повратот на ДДВ – наменета за подобрување на наплатата на приходите ќе придонесе за зголемување на трошоците. Предложеното одложување на прогресивниот персонален данок на доход и данокот на капитални добивки ќе го забави растот на приходите.

Истовремено, повисоките придонеси за социјално осигурување ќе генерираат дополнителни приходи“, наведуваат од ММФ.

Се препорачува пренасочување на јавното трошење кон инвестициите, што би требало да биде поткрепено со мерки за зајакнување на рамката за управување со јавните инвестиции, вклучително и подобро дефинирање на приоритетите и справување со тесните грла при извршувањето на планираните проекти.

ММФ смета дека Народната банка соодветно ги искористила поволните услови за да акумулира девизни резерви во рамки на стратегијата на дефакто фискен девизен курс. А, преземањето чекори за дополнително зголемување на депозитите во денари, во комбинација со внимателно калибрирани мерки за намалување на кредитите на домаќинствата во девизи, ако е потребно, ќе помогне во зајакнувањето на отпорноста на финансискиот систем.

 

Содржината е прочитана 52 пати.