МАКЕДОНИЈА

РЕК Битола до крајот на годината ќе добие А-интегрирана еко-дозвола

Се чека уште на последниот чекор до добивање на дозволата, а тоа е јавната расправа што треба да ја организира Министерството за животна средина и просторно планирање

петок, 15 ноември 2019

РЕК Битола ќе добие А-интегрирана еколошка дозвола до крајот на годината, изјави генералниот директор на Комбинатот, Златко Ќурчиевски.

Тој појасни дека последната фаза до добивање на дозволата е поврзана со одржување на јавната расправа што треба да ја организира Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Оперативниот план е доставен до Министерството за животна средина и просторно планирање и единственото што чекаме е одговорот од Министерството за тоа кога ќе се реализира јавната расправа како последен чекор пред добивањето на А-интегрирана еколошка дозвола. Очекуваме до крајот на оваа календарска година да ја добиеме посакуваната А-интегрирана дозвола“, рече Ќурчиевски.

Директорот истакна дека процесот за нејзино добивање почнал уште во 2010 година, но за жал, како што рече, заради нечија неажурност или несакање тоа досега не е реализирано.

Од РЕК Битола информираа дека Комбинатот е подготвен за претстоната зимска сезона и дека производството на електрична енергија ќе се врши со трите блока за што има доволни резерви јаглен.

„Комбинатот е подготвен за претстојната сезона и тоа изразено во проценти изнесува 90 проценти, затоа што во тек е капиталниот ремонт на Втор блок, кој треба да заврши на 30 ноември. Веднаш потоа ќе ги вклучиме трите блока, со цел да ги задоволиме потребите на државниот електро-енергетски систем. На депонија во овој момент има резерви од околу 200.000 тони јаглен, а очекуваме резервите да стигнат до 300.000 тони и тоа во целост ги задоволува потребите на Комбинатот за зимската сезона“, изјави Ќурчиевски.
 

Содржината е прочитана 292 пати.