Бизнис вести

Изградбата на гасен интерконектор меѓу Македонија и Грција е клучен енергетски инфраструктурен проект

Кочо Анѓушев во Солун рече дека интерконекторот ќе обезбеди повисока конкурентност во снабдувањето со природен гас

петок, 15 ноември 2019

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев кој вчера на Самитот во Солун учествуваше на панелот „Енергетски безбедносни предизвици во Истчниот Медитеран“ рече дека е важно да го изградиме интерконекторот помеѓу Македонија и Грција за да можеме да се приклучиме на гасоводот на „ТАП“ и на „ЛНГ“ терминалите кои се наоѓаат на брегот на Егејското море. Тој потенцираше дека станува збор за клучен енергетски инфраструктурен објект со кој се обезбедува повисока конкурентност во снабдувањето со природен гас.

„Сега сме практично приклучени преку една точка на гас во Бугарија, а ова ќе ни овозможи да бидеме приклучени на други извори и со тоа да се зголеми конкурентноста на гасот во нашата држава и да се развие тој бизнис. Во моментов се реализират градежни работи за комплетирање на примарниот гасоводен систем во Северна Македонија, со кој во системот ќе бидат поврзани сите поголеми градови во земјата, но тоа нема да значи ништо доколку нема квалитетна понуда на гас од повеќе точки на испорака, покрај моменталната гасоводна цевка со која се обезбедува гас од Република Бугарија. Република Северна Македонија е подготовена да започне со овој проект, обезбедени се финансиски средства, изработена е физибилити студија, проектирана е трасата и во тек е изработката на основниот проект и на студијата за заштита на животната средина кои ќе бидат готови наскоро, а јавниот повик би требало да се објави на почетокот на 2020 година“, рече Анѓушев.

Тој се осврна на проектите поврзани со електричната енергија, посочувајќи дека за стабилноста на енергетските системи е важно да се дискутира за енергетската инфраструктура, изворите за производство на електрична енергија, како и за либерализација на пазарите.

„Сметам дека преносните електро енергетски системи на Балканскиот полуостров се сосема добро развиени да обезбедат сигурност на мрежата, но колку повеќе преносни мрежи имаме, дотолку подобро, за да ги обезбедиме и прекуграничните капацитети помеѓу земјите.

Анѓушев нагласи дека во иднина го гледа регионот на Југоисточна Европа како единствен пазар на електрична енергија со една берза за струја, што ќе донесе бенефит за сите граѓани во сите земји од регионот.

Вицепремиерот истакна дека економската соработка помеѓу Македонија, Грција и Бугарија бележи позитивни резултати, особено во првата година по потпишување на договорите со овие две земји. Тој смета дека зајакнувањето на политичката соработка носи и економски бенефити за регионот.
 

Содржината е прочитана 73 пати.