Бизнис вести

Минималата плата од декември ќе изнесува 14.500 денари

Во наредните три години државата ќе ги субвенционира придонесите за 600 до 6.000 денари за сите компании од приватниот сектор кои што ќе ги зголемат платите за оваа сума

петок, 15 ноември 2019

Се зголемува минималната плата за 2.000 денари која од декември ќе изнесува 14.500 денари. Тоа значи дека околу 90.000 граѓани ќе добијат покачување на своите месечни примања. Од Министерството за труд и социјална политика информираат дека споредено со 2017 година, односно за 2,5 години минималецот е зголемен за 5.500 денари и сега е на историски највисоко ниво.

Истовремено, во наредните три години државата ќе ги субвенционира придонесите за 600 до 6.000 денари за сите компании од приватниот сектор кои што ќе ги зголемат платите за оваа сума, независно дали се работи за минимални или за повисоки плати.

Собранието вчера ги изгласа законите за минимална плата и за субвенционирање на придонесите за раст на плата, со што платите во државата продолжуваат да се зголемуваат.

„Со изедначување на минималната плата во 2017 година за работниците во текстилната и кожарската индустрија постигнавме зголемување на просечната плата во производство на облека за 16 проценти, а во текстилната индустрија за 24 проценти, односно за 3.870 денари. Со зголемувањето на минималната плата, обезбедивме повисока плата за 90.000 граѓани. Во моментот минималната плата во државата изнесува 12.507 денари“, се вели во соопштението од Министерството за труд и социјална политика.
 

Содржината е прочитана 72 пати.