Бизнис вести

Самит Македонија2025: Да се инвестира во младите и да се слуша гласот на бизнисот

Неопходно е продолжување на борбата против корупцијата, целосно владеење на правото, доследна примена на законите, а бизнисите од своја страна треба да даваат иницијативи

четврток, 14 ноември 2019

Во државата има услови, политичка волја и посветеност од сите за економски развој во кој клучни ќе бидат младите кои треба да останат тука и да ги искористат можностите за личен и за општествен развој. Неопходно е продолжување на борбата против корупцијата, целосно владеење на правото, доследна примена на законите. Бизнисите од своја страна треба да го креваат гласот и да даваат иницијативи.

Ова беше порачано на отворањето на осмиот Самит Македонија2025 на кој денеска и утре шеесетина говорници ќе дебатираат на 15 одделни панели при што фокусот ќе биде на работните вештини и иновациите во борбата против загадувањето на воздухот.

Шефот на државата, Стево Пендаровски порача дека за создавање модерна и просперитетна држава со млади кои ќе бидат задоволни во неа и со постојан економски развој е потребна соработка на политиката и бизнисот и градење политики според потребите на економијата.

„Без владеење на правото, доверба во институциите и нивно непристрасно и професионално функционирање нема подобрување на бизнис климата. Свесен сум дека оваа фраза ја повторуваме и дека на бизнисот и на граѓаните им е доста од чекање. Но, навистина верувам дека по сите искушенија конечно е криерана позитивна атмосфера кај клучните чинители и во власта и кај опозицијата земјата да истрае во намерите и развојот на економијата да стане наш апсолутен приоритет“, рече Пендаровски.

Според него, дигитализацијата е гранка на која треба да се посветиме затоа што, потенцираше, државата може да опстане само ако инвестираме во младите кои мораат првата шанса да ја добијат тука.

За задржување на младите во државата и вложување на нивните потенцијали во економскиот развој во државата, според премиерот Зоран Заев, може да помогне и дијаспората.

„Ве повикувам низ оваа иницијатива и низ секој можен поставен канал да ги поддржите нашите граѓани, а посебно младите да разберат дека и овде дома се може. Низ серијата политики што ги креиравме треба да испратиме заедничка порака дека ние сме подготвени да бидеме економски хаб овде во Европа“, рече Заев.

Како што потенцираше, Владата постојано работи на креирање политики кои на нашата бизнис дијаспора ќе и го олеснат пристапот до крирање нови работни места, а нивниот капитал да го донесат во својата татковина.

Осврнувајќи се на можностите за нови инвестиции и севкупен развој на државата, премиерот упати на можностите од владиниот План за економски раст, позитивните параметри за економската состојба и новите можности што се отвораат со регионалните инцијативи и членството во НАТО.

„Бидете креативни, создавајте бизниси, дојдете дома да им овозможиме на младите напредок“, рече Заев.

Според американската амбасадорка во земјава, Кејт Мери Брнс бизнисот и граѓанското општество кај нас покажуваат неверојатна посветеност на содавање услови за добра иднина во државата, заснована на владеење на правото и воспоставување бизнис клима која ќе привлече нови инвестиции. Подобрувањето на владеењето на правото, постојаната борба против корпцијата и иницијативите од типот на тие што ги промовира организацијата Македонија2025 можат да ја подобрат состојбата.

„Доследна примена на јасни закони се клучни за промовирање бизнис и промовирање на инвестиции“, рече амбасадорката Брнс.

Како што оцени, подоброто рангирање на државата според индексот за слобода е значаен знак дека државата напредува и во однос на држави членки во Европската унија. Претприемачите се засегнати да го постават курсот на државата.

„Вие не смеете да бидете тивки, а оние што ги носат одлуките не смеат да ве игнорираат“, порача Брнс.

Раководството на Македонија2025 упати пораки за соработка и партнерство на сите за постигнување подобар животен стандард што сметаат дека е клучно за државата. Ќе работат на промовирање прлатформи и програми за поддршка на младите, размена на искуства за лидерство.

Пренесено од МИА

 

Содржината е прочитана 90 пати.