Бизнис вести

Пет милијарди евра од НАТО Агенциите на располагање на компаниите

На НАТО индустрискиот ден беа презентирани економските придобивки за македонските компании од членството во Алијансата

среда, 13 ноември 2019

Вкупно пет милијарди евра во НАТО Агенциите за сервиси и набавки и за комуникации и информатика ќе им бидат на располагање на нашите компании рамноправно да учествуваат со сите други комапнии од земјите членки на Алијансата со притапувањето на земјава како полноправен член на НАТО.

Ова го истакна вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев на НАТО индустрискиот ден, каде заедно со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска пред претставници на домашните компании говореа за тоа како да се користат придобивките од зачленувањето во НАТО во делот на економијата. Двајцата вицепремиери зборуваат и за тоа кои се процесите и начините македонските компании да учествуваат во јавните тендери за потребите на Алијансата и што може да понуди нашата економија. Притоа македонските бизнисмени беа запознати и со системот за јавни набавки на НАТО.

Анѓушев нагласи дека членството во Алијансата е важно за економијата од две фундаментални причини и тоа во делот на инвестициите – владеење на правото за да се охрабруваат странските и домашни инвеститори да продолжат со инвестирање, и да знаат оти тоа го прават во стабилна држава и дека нивните инвестиции ќе бидат заштитени. Дополнителна придобивка е тоа што со полноправното членство во НАТО нашите компании ќе имаат можност да учествуваат во синџирот на набавки и снабдување со производи за потребите на трупите на НАТО.

Анѓушев апелираше до сите да го препознаат ова како голема можност и шанса да ги зголемат своите деловни активности со цел од членството во НАТО, освен стабилноста, да се добие и економска придобивка за нашата држава.

Шекеринска, пак, нагласи дека од многубројните компании со кои соработува Министерството има информации дека тие веќе знаат многу за овие НАТО агенции. Меѓутоа, при првиот обид кога требало да проверат дали ги исполнуваат сите квалификации, се соочиле со проблемот дека компанијата мора да доаѓа од земја членка на Алијансата.

„Државата не може да го води вашиот бизнис, но може да отвори врати. Нашето членство во НАТО ќе ја отвори не само воено-политичката врата, туку и економската врата за нашите фирми да можат да настапат на овој тежок, но голем пазар“, рече Шекеринска.

Министерството за одбрана, информира таа, исто така може да ги користи за свои потреби Агенциите на НАТО и притоа укажа дека не е само важно да се имаат парите, туку и како ќе се употребат.

„Република Северна Македонија се наоѓа само неколку километри блиску до една од големите НАТО мисии – КФОР на Косово, која има логистички потреби, троши пари и ангажира компании. Ова е, според мене, најсилниот аргумент да ја искористиме оваа шанса и да покажаме интерес и квалитетен продукт“, рече Шекеринска.

На претставниците на македонсктие компании на НАТО индустрискиот ден им се обратија и Патрик Феске, директорот на НАТО Агенцијата за поддршка и јавни набавки и главниот службеник во НАТО Агенцијата за комуникации и информатика Џакомо Пилиего, кој информира дека тие веќе работат во нашата држава со тоа што помагаа во пристапниот процес во безбедноста на инсталацијата на комуникациските канали кои ќе ги имаме наскоро.
 

Содржината е прочитана 77 пати.