Бизнис вести

Буџет од 3,9 милијарди евра со најмногу пари за човечки капитал

Со буџетот за 2020 се инвестираат вкупно 154 милијарди денари во здравство, образование и социјална заштита што е зголемување за околу 10 милијарди денари во однос на оваа година

среда, 13 ноември 2019

Вкупно 3,9 милијарди евра ќе тежи буџетот за 2020 година, со што е најголем буџет досега, а се базира на очекувани 3,8 проценти економски раст во наредната година.

Предлог-Буџетот за 2020 има проектирана приходна страна од 3,615 милијарди евра, што претставува раст од 5,6 проценти споредено со оваа година, додека кај расходната страна на буџетот планиран е раст од 5 отсто со што вкупните расходи изнесуваат 3,898 милијарди евра. Буџетскиот дефицит е предвиден на 2,3 проценти од БДП и како што соопшти Министерството за финансии, дефицитот е намален и во апсолутно ниво за 160 милиони денари и изнесува 17,385 милијарди денари, соопшти Министерството за финансии.

„Со буџетот за 2020 се инвестираат највисоки средства досега за човечки капитал, односно здравство, образование и социјална заштита“, рече министерката за финансии, Нина Ангеловска презентирајќи го Предлог-буџетот за наредната година и посочи дека вкупно 154 милијарди денари ќе се инвестираат во здравството, образованието и социјалната заштита, што претставува 64 отсто од вкупните расходи и е зголемување за околу 10 милијарди денари во однос на оваа година.

Ангеловска истакна дека за 9 проценти се зголемува буџетот за здравствена заштита кој ќе изнесува 33,7 милијарди денари, а средствата се наменети за финансирање на здравствените услуги и на превземените мерки во оваа област како зголемување на капитацијата, достапност на лековите во текот на целиот месец, зголемување на надоместоците на специјалистите, како и за зголемување на платите на медицинскиот кадар во јавните здраствени установи. Со цел обезбедување пристојни и модерни услови за лекување, за капитални инвестиции во здравството се издвоени 1,5 милијарда денари.

Според министерката, квалитетно образование е предуслов за квалитетни идни генерации, па оттаму во насока на подобрување на условите во образованието одвоени се 1,4 милијарди денари за капитални инвестиции, за реконструкција и изградба на училишни згради, спортски и училишни сали, домови. За првпат годинава се обезбедија финансиски средства за отпочнување на програма за инклузивно образование, а во 2020 се предвидени 360 милиони денари за изградба на детски градинки и зголемување на постојните капацитети.

Со Буџетот за 2020 се предвидува и подобрување на стандардот на возрасните лица. Поточно проектирани се една милијарда евра за исплата на пензиите кои ќе бидат покачени за 700 денари.
 

Содржината е прочитана 61 пати.