Бизнис вести

Шпаркасе ја презеде Охридска банка за 48 милиони евра

Двете банки, Охридска банка АД Скопје и Шпаркасе банка Македонија сега ќе опслужуваат повеќе од 132.000 клиенти во земјата. Целосната интеграција се очекува да се случи во април 2021 година, а дотогаш ќе функционираат двете банки

петок, 08 ноември 2019

Охридска банка АД Скопје ја промени сопственоста на 4 ноември годинава кога Штаермеркише банка и Шпаркасен АГ ја купија за 48 милиони евра. Со тоа Штаермеркише Шпаркасе и официјално станаа новите сопственици на Охридска банка и стекнувајќи се со 91,57 отсто од акциите се позиционираа како четврта најголема банкарска групација во Македонија со пазарно учество од околу 14 отсто.

Двете банки, Охридска банка АД Скопје и Шпаркасе банка Македонија сега ќе опслужуваат повеќе од 132.000 клиенти во земјата, нудејќи им производи и услуги, како и експертиза која доаѓа од Ерсте групацијата. Со интеграцијата се очекува комбинираната банка да биде втора на пазарот во корпоративниот сегмент и трета во сегментот население. Исто така се очекува банката да биде лидер на пазарот во однос на понудата на производи и услуги.

„Ќе моделираме една нова, модерна и помоќна Шпаркасе банка. Државата ќе ја добие четвртата најголема банка со пазарно учество од 14 отсто. Оваа банка ќе донесе бројни бенифити за клиентите, ќе отвори нови перспективи во економијата и ќе овозможи подигање на нивото на целиот банкарски систем“, рече Нина Неданоска, претседател на Управниот одбор на Охридска банка АД Скопје.

На денешната прес-конференција по повод купувањето на Охридска банка од страна на Штаермаркише Шпаркасе беше речено дека целосната интеграција се очекува да се случи во април 2021 година, а дотогаш ќе функционираат двете банки. Сметките на клиентите на Охридска банка, како и условите за кредити дефинирани во договорите остануваат исти Исто така и условите за користење на платежните картички остануваат непроменети, а клиентите немаат обврска во моментов да ги менуваат своите картички

Една од првите придобивки за клиентите на двете банки ќе биде можноста за користење на повеќе од 120 банкомати низ земјава, како и можноста за подигнување на средства од банкоматите со дебитни картички без провизија почнувајќи од први јануари наредната година.

Штаермеркише Шпаркасе во Македонија е присутна од 2008 година преку својата локална подружница Шпаркасе банка Македонија, која во моментот има актива од околу 350 милиони евра. Со приклучувањето на Охридска банка во Штаермеркише Шпаркасе, вкупната актива на банката на македонскиот пазар ќе биде повеќе од 1 милијарда евра.

„Со купувањето на една од водечките банки во Северна Македонија ќе станеме уште посилен партнер во економијата. Заедно ќе располагаме со значително поголем потенцијал и ресурси со кои ќе ги опслужуваме нашите клиенти и сите бизниси“, рече Герхард Фабиш, член на Управниот одбор на Штаермаркише Шпаркасе.
 

Содржината е прочитана 54 пати.