Бизнис вести

ЕБОР предвидува раст на македонската економија од 3,2 отсто

Во ноемврискиот извештај за економските перспективи на регионите што ги покрива, ЕБОР наведува дека растот во регионот на Западен Балкан забави во првата половина на 2019 година и тоа во сите економии, со исклучок на Косово и Северна Македонија

четврток, 07 ноември 2019

Раст од 3,2 отсто на македонската економија во 2019 и во 2020 година предвидува Европската банка за обнова и развој, ревидирајќи ги првичните проекции од три проценти. Според ЕБОР, ваквиот зголемен раст ќе биде поддржан, пред се, од зголемувањето на инвестициите во државава.

Во ноемврискиот извештај за економските перспективи на регионите што ги покрива ЕБОР се истакнува дека растот во регионот на Западен Балкан забави на 2,9 отсто во првата половина на 2019 година, а забавување има во сите економии, со исклучок на Косово и Северна Македонија, додека македонската економија продолжи да се опоравува по решавањето на политичката криза во 2017 година.

Македонската економија забележа раст од 3,6 тосто во првата половина од годинава, што се должи првенствено на закрепнувањето на инвестициската активност, како и на зголемената домашна побарувачка. Во извештајот на ЕБОР се наведува дека стапките на општата невработеност и на невработеноста кај младите се намалени на 18 и на 35 отсто во однос на 2018 година кога изнесуваа 21 и 48 проценти. Инфлацијата остана ниска и изнесува еден процент во првите девет месеци од 2019 година.

„Решавањето на проблемот со името со Грција помогна да се зајакне довербата на инвеститорите, што е потврдено со зголемувањето на рејтингот на ’Фич’ во јуни 2019 година на ББ +. Сепак, остануваат тековните ризици за економските проекции. Тие главно се однесуваат на одложениот почеток на преговорите за пристапување во ЕУ, што може да го ослабне моментумот на реформите во земјата“, оценува ЕБОР.

 

Содржината е прочитана 49 пати.