Бизнис клуб

МАРИЛИ БИЗНИС КЛУБ – промоција, едукација, хуманост

На вчера одржаната редовна средба на МБК беа промовирани новите членки на Клубот од топ 10-те најуспешни жени менаџери за 2018 година прогласени на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери од Р.С.Македонија“ што се одржа во март оваа година

среда, 06 ноември 2019

Вчеравечер во Хотел Парк и Спа во Скопје агенција „Марили“ ја одржа редовната средба на членките на МАРИЛИ БИЗНИС КЛУБ на која беа промовирани новите членки на Клубот од топ 10-те најуспешни жени менаџери за 2018 година прогласени на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери од Р.С.Македонија“ што се одржа во март оваа година.

На средбата се проговори за хуманитарната традиција што ја негува Клубот, а која беше реализирана во рамки на тематскиот ден „ДАМА-ДА-Здравјето и убавината во функција на современата жена“, кој годинава се одржа под мотото „ДАМА-ДА-Донира“. Овој пат хуманоста беше насочена кон Специјалниот завод во Демир Капија, за каде со средствата што беа собрани на тематскиот ден беа купени и монтирани клима уреди за подобрување на условите на престој на штитениците на Заводот.

Пред членките на Клубот се обрати директорката на Специјалниот завод, Александра Велковска која се заблагодари за донацијата.

Специјален гостин на средбата на МБК беше д-р Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика (ЕПИ) која одржа предавање на тема „Европските норми и македонскиот деловен сектор“.

За убавата атмосфера се погрижија Мелита Семенакова која го разубави просторот со своите цветни аранжмани рачно изработени од свила и природно дрво, како и Маја Босилковска, претставник на Oriflame која подготви подароци за сите присутни на средбата.

Во одлично расположение дружењето на членките на Клубот продолжи во ресторанот „Four“.
 
Содржината е прочитана 238 пати.